fbpx

ОЈО Гевгелија поднесе обвинение за експлозијата и за пожарот во „Балкан гасови“

-

Гевгелиското јавно обвинителство до судот поднесе обвинителен предлог против три лица и фирмата „Балкан гасови“ за експлозијата и за пожарот што лани во февруари се случија во фабриката во Богданци, а во кој загинаа тројца вработени и еден беше тешко повреден.

Обвинетите, како што соопштија денеска од обвинителството, се товарат за тешки дела против општата сигурност и за повреда на правото од работен однос од Кривичниот законик.

„Обвинетите Р.Д., Б.Д. и И.Д. како одговорни лица во четвртообвинетото правно лице („Балкан гасови н.з.) во утринските часови на 5 февруари минатата година со пожар и со експлозија предизвикале значителна опасност за животот и за телото на луѓето, при што три лица ги загубија своите животи, а едно лице доби тешки телесни повреди. Починатите лица и оштетениот биле вработени во правното лице како ракувачи на постројки за полнење технички гас. Обвинетите, иако знаеле дека оштетените немаат поминато обука за безбедност при работа и работа со гасови и дека може да настапи штетна последица, дозволиле тие да извршуваат работни задачи – поправка на машините и машинска изработка и полнење со течен нафтен гас (ТНГ) на мали плински боци само врз основа на обучувањето што го спровел првообвинетиот. Во исто време, во име и за сметка на обвинетото правно лице, не придржувајќи се кон одредбите на Законот за работни односи од член 5 и член 13 што се однесуваат на засновање работен однос, обвинетите со еден од починатите наместо договор за вработување склучиле договор за дело со што му ги одзеле правата што му припаѓаат како работник“, стои во соопштението од гевгелиското обвинителство.

Во истрагата било утврдено дека загинатите работници критичниот ден заменувале скршена машина за полнење боци, при што дел од капаците на садовите во кои бил сместен течниот нафтен гас (ТНГ) биле отворени и имало зголемено испарување на гасот во просторијата.

„Не познавајќи ги карактеристиките на гасот и неговото акумулирање, како потежок од воздухот, во долниот дел од просторијата, тие продолжиле со својата работа. Во еден момент дошло до кинење на спојот на армираното црево што се наоѓало во долниот дел од машината и испуштање на воздух од истото под притисок. Како резултат на тоа дошло до создавање на експлозивна смеса пропан-бутан гас. Неконтролираното движење на цревото и удирањето по околните метални површини предизвикало искрење, при што настанал пожар и експлозија во просторијата од која како последица на изгореници починале три лица. Набргу пожарот се проширил и во другите делови на фабриката, односно во магацинскиот простор, во кој имало околу 75.000 полни боци подготвени за продажба, при што едно лице добило изгореници од трети и од четврти степен“, соопшти обвинителството.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...