Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против Е.М.(20), осомничена дека сторила четири казнени дела фалсификување пари.

Според полицијата, осомничената во периодот од 28 април до 17 мај, оваа година, на подрачјето на Охрид пуштила во промет четири лажни банкноти во апоени од 500 денари, со идентичен сериски број. Таа лажните банкноти ги пуштила во промет во продавница во населбата Пештани, ноќен клуб и бурекџилница во Охрид.

Осомничената од вработен во продавницата во Пештани побарала да и замени две банкноти од по 500 денари за една банкнота од 1.000 денари. Продавачот подоцна забележал дека двете банкноти имаат сомнителен квалитет и идентичен сериски број. Фалсификуваните пари се одземени и испратени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.

СВР Охрид презема дополнителни мерки за утврдување на можна соработка на пријавената со други лица кои изработуваат лажни пари со намера да ги пуштат во оптек како вистински.