Охриѓани преку амбасадорите ќе докажуваат дека градот им е безбеден. Ќе ги канат дипломатските претставници на странските амбасади во Скопје, но и преку македонските амбасади бараат да се влијае во земјите од кои доаѓаат најголемиот број гости за да се уверат дека Охрид е безбеден град, во кој може да се помине летниот одмор.
Со такви заклучоци заврши работниот состанок на претставници од локалната самоуправа, СВР од Охрид, поголем број менаџери од охридските хотели, како и тур-оператори и агенции што носат гости во градот.
– Целта на состанокот беше да се разгледа моменталната состојба со закажаните аранжмани и да се дејствува во однос на откажувањето на дел од нив. Иако процентот на откажани аранжмани во Охрид во однос на целата сезона е мал, она што загрижува е тоа што вакви откажувања има во континуитет. Затоа на денешниот состанок беше одлучено да се поканат дипломатски претставници од странски држави во Македонија да го посетат Охрид, да ја видат состојбата од сите аспекти и да им се укаже дека градот е максимално подготвен да ги угости сите туристи што ќе дојдат. Беше заклучено и да се дејствува преку нашите амбасади, особено во земјите од кои доаѓаат најголем број гости – вели раководителот на секторот за туризам и локален екoномски развој, Ѓоко Апостолов.
Од хотелите и од туристичките агенции пренесуваат дека зачестиле телефонските повици, од странските туристички агенции со кои соработуваат, кои прашуваат колку е сигурно да се летува во Охрид.
– Засега нема поголеми откажувања на аранжмани, но се чувствува промена. Традиционалните гости, Бугарите и Србите, се доста претпазливи, некои ги откажаа аранжманите. Од Холандија засега останаа чартер-летовите, но еден е преполовен, со тоа што половината од планираните гости се пренасочени кон Грција – вели Валентин Маркулески, сопственик на хотелот „Тино“ во Охрид.
Од СВР во Охрид велат дека пред секоја туристичка сезона се преземаат низа превентивни мерки за подигнување на безбедноста во градот.
– Гарантираме мирно и безбедно лето за туристите. Нашата поставеност и оваа сезона ќе биде на превентивен план и ние сме таа институција која е задолжена за гарантирање на безбедноста и на сигурноста на гостите. Во рамки на нашите превентивни дејства и ова лето ќе има мешани полициски патроли. Минатите сезони тие беа со наши колеги од Србија, а оваа сезона иницираме да соработуваме и со колегите од Холандија, од каде преку сезоната доаѓаат околу 25.000 гости, – вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски кој е и претседател на општинскиот Совет за безбедност во сообраќајот.