Охридското езеро со една мерна станица, институциите без кадар и опрема за адекватен мониторинг на водите

Фото: Бојан Блажевски

Нема кадар, ниту опрема за да се врши адекватен мониторинг на езерата, реките и акумулациите во земјава, покажува истражувањето на Центарот за економски анализи (ЦЕА). Анализата, објавена во рамките на кампањата „Разбистри сè“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии, во соработка со Британската амбасада, покажува дека недостатокот на човечки капацитети и основни мерни инструменти се главните причини за недоволно развиениот хидролошки мониторинг на природните езера, реките и акумулациите во Македонија.

Центарот за економски анализи (ЦЕА) спроведе мониторинг на Управата за хидрометеоролошки работи, Јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“, хидросистемот „Злетовица“ и Електрани на Северна Македонија, која покажува дека УХМР и „Злетовица“ немаат доволно човечки капацитети за вршење мониторинг, како на трите природни езера – Охридско, Преспанско и Дојранско езеро, така и на акумулацијата „Кнежево“.

„Институциите немаат квалификуван кадар кој ќе може да ги замени вработените кои одат во пензија. Бројот на вработени во Секторот за хидрологија при УХМР во континуитет се намалува. Ако на почетокот на формирањето на Управата имало 35 вработени во Секторот, денес има само 12 вработени. И бројот на набљудувачи се намалува во континуитет, па така од стотина набљудувачи за површински води, во моментот работат само 60, додека од 115 набљудувачи за подземни води, тековно работат само 40. Заради нискиот надомест не може да се најдат нови лица кои секојдневно ќе излегуваат на терен, ќе читаат податоци и пред сè ќе носат одговорност за квалитетот и веродостојноста на податоците. Така на пример, мерната станица во Асамати за мерење на водостојот на Преспанско Езеро не работи речиси 20 години бидејќи нема набљудувачи. Оттука, се доведува во прашање колку е адекватна и како се спроведува законската регулатива за управување со водните ресурси, колку се ефикасни јавните политики и дали соодветно се распределуваат јавните средства за заштита на водите“, прашуваат од Институтот за комуникациски студии.

Освен човечки капацитети, извештајот нотира дека недостасуваат и основни хидролошки мерни инструменти. Од вкупно 110 хидролошки станици за површински води, во моментов оперативни и обезбедени со набљудувачи се само 66. Што се однесува до автоматските хидролошки станици, до сега се воспоставени 31 автоматска станица, од кои само 12 се оперативни.

„Од четири мерни станици на Охридско Езеро, работи само една. За Дојранско Езеро, од две мерни станици, исто така е оперативна само една станица, и тоа со стари инструменти. За Преспанско Езеро, пак, од три мерни станици, две се во функција. Од друга страна, Јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“ не располага ниту со основни мерни инструменти (мерна летва) за мерење на нивото на водата во акумулацијата Лисиче“, информираат од „Разбистри сè“.

Ограничениот буџет со кој располага УХМР целосно го отежнува процесот на хидролошкиот мониторинг врз природните езера. Автоматските станици најчесто биле набавени со донации, па така подобрувањето на хидролошкиот мониторинг на површинските води зависи од донаторски средства, со што е загрозена одржливоста.

Во извештајот се препорачува Владата и до Министерството за животна средина да обезбедат поголем и редовен буџет за УХМР и останатите институции во хидролошката дејност за да набават нова модерна мерна опрема и да ги зголемат човечките капацитети, а граѓаните да имаат слободен пристап до податоците за водостојот и квалитетот на водите во езерата и реките.