Бродови стари по неколку децении, педалинки и пловила за туристи изработени без да се испочитуваат основните еколошки стандарди претставуваат проблем за Охридскиот регион, кој доколку сега не се реши, во блиска иднина би можел дополнително да ја влоши ситуацијата со бројноста и квалитетот на пловилата во Охридското езеро.

Праксата покажува дека постои потреба од низа на законски измени за да се надминат сериозните проблеми, како што е безбедноста од употреба на педалинките и потребата од поголема контрола при увозот на пловните објекти, вели Горан Устијаноски капетанот од Капетанијата на пристаништата во Охрид.

– Една од првите измени кои ќе настапат при увозот на пловни објекти е да се ограничи внесот на пловила според одредени критериуми како што се староста на пловните објекти и да се запазуваат еколошките стандарди. Доста Охридското Езеро претставува отпад за некои пловила – вели Устијаноски.

Тој потенцира дека во тек се разговори со Царинската управа за законската измена за да се намали данокот при увоз на едрлиците, но тие да подлежат на царинење во делот на моторите за управување. Тоа би било во насока да се стимулираат наутичарите да пловат со едрлици, појаснува капетанот.

– Сепак, усогласувањето на законската регулатива, оваа година, ќе зависи од политичката ситуација во земјава со предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат во април, а огромен е проблемот со неприменливост на некои европски правила врз фактичката ситуација во која сега ние функционираме. Мора да има поголема прагматичност и да се решаваат работите повеќе со практицизам отколку со теорија – нагласува Устијаноски.

Охрид минатиот месец се соочи со потонување на бротчето „Лихнида“ во Студенчишкиот канал, кога се излеа поголемо количество нафта. Ова пловило беше само едно од многуте што го окупираат просторот во каналот и директно ја загрозуваат животната средина, а стари пловила можат да се пронајдат и на други локации долж крајбрежјето.