Фестивалот „Охридско лето“ на хрватскиот пијанист со светска слава, Иво Погорелиќ, кој годинава имаше настап на фестивалот, му подари реплика од Златната маска од Требеништа. Подарок, пеперутка од филигран, доби и неговиот менаџер.
Селекторката на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Гордана Јосифова-Неделковска, заблагодарувајќи му се на големиот маестро за неповторливиот настап и за вториот концерт, рече дека матадорот на пијаното, маестро Иво Погорелиќ, ја маѓепса публиката.
– Доживеавме уште една уникатна изведба, исполнета со многу енергија, длабока емоционалност и сензибилитет ја остави без здив многубројната публика. Уште еднаш се потврди дека големите уметници се, пред сè, големи луѓе. Овој концерт предизвика огромен интерес и не само кај домашната публика. Имаме многу странски посетители, кои дојдоа само за да го слушаат овој голем уметник, што нам како организатори ни е особено драго – рече Јосифова-Неделковска.
Светската ѕвезда на пијаното, Погорелиќ, на својот пат до славата често настапуваше и на фестивалот „Охридско лето“.