fbpx

Охридските занаетчии трпат штети од корона вирусот, но се надеваат на добра летна сезона

-

Четириесет проценти од занаетчиите во Охрид имаат блокирани сметки, а со неработењето во време на епидемијата изминатите два месеца, состојбата значително им се влоши. Дел од занаетчиските дејности се ниско профитабилни и тешко функционираа и пред корона кризата. Најпогодени беа фризерите, берберите и козметичарите кои имаат директен контакт со клиенти. Претстојната сезона, без оглед како ќе се организира туризмот, буди надеж дека работите ќе се поместат од мртва точка.

– Бев затворен 40 денови, немав никакви приходи. Побарувачката е намалена целосно. Но, мислам дека полека ќе се стабилизира состојбата. Ако успееме да ја „фатиме“ летнава туристичка сезона ќе биде добро. Доколку има туристи, се надеваме со следната летна сезона да ја покриеме, колку – толку оваа криза – вели Сашо Богоески, претседател на Регионалната занаетчиска комора – Охрид.

– Се чувствува таа загуба, сепак салоните не работеа. Се надеваме дека во летниот период ќе се надмине кризата, дека ќе биде подобро – изјави Ѓургица Филипоска, сопственик на козметички салон „Perfect touch“.

Уметничките занаети, како филигран, изработка на накит и бижутерија, го користат зимскиот период за изработка на своите производи за да можат да ги понудат во летото, кога градот е пофреквентен со туристи.

– Сите со своите капацитети и можности, заедно со државата, ќе се бориме да ги санираме штетите. Засегнати сме и ние занаетчиите, како и сите стопанственици, бидејќи туризмот е еден систем на врзани садови со целата економија. Протокот на туристи е важен за сите, за да можат да го остварат својот профит. Охрид мора повторно да се рестартира со помош од државата и да се врати пулсот и енергијата –  вели Михајло Филев, сопственик на „Охридски бисер Филеви“.

Корона кризата ги затекна занаетчиите во период на регистрација, дозвола за работа или лиценца, за што се плаќа 5.200 денари за занаетчиите, и околу 3.700 денари за вршителите на занаетчиска дејност. На почетокот на годинава дозволи имаа извадено половина од регистрираните занаетчии во Комората. Пазарната инспекција започна со контроли и опомени до нив за поседување на потребните дозволи во најкраток рок. Но, според Богоески, со почетокот на кризата со корона вирусот, се прекина оваа постапка.

– Инспекторите престанаа да одат по дуќани и да бараат занаетчиски дозволи. Очекувам по завршувањето на кризата пазарната инспекција да си ја заврши својата работа. Комората не бара казни за занаетчиите, туку ќе ги известува за потребата од поседување на дозволи за работа – вели тој.

Во Охрид има 270 регистрирани занаетчии и 500 вршители на занаетчиска дејност.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...