Охридските власти со мерки за да спречат палења на депонијата „Буково“, затворањето ќе почека

Извор на фотографии: ЈКП „Комуналец“ - Охрид

Охридското јавно претпријатие „Комуналец“ постави фотоволтаични панели за потребите на чуварската служба на општинската депонија „Буково“, како и нова рампа за спречување на нелегалното влегување во кругот на депонијата лоцирана покрај патот Охрид-Ресен, информираат од охридската локална самоуправа.

На локацијата веќе се поставени нови монтажни објекти за чуварската служба, а со фотоволтаиците ќе се обезбеди електрична енергија за непречено функционирање на чуварската служба во три смени. Голем проблем досега беше неможноста за снабдување со струја на чуварската служба, поради што изминатиов период немаше деноноќно чувари на локацијата.

Поради ова, изминатава година во неколку години се јавуваа пожари на депонијата „Буково“, за што реагираа и екологистите и граѓаните, иако ваквите палења на депонијата беа окарактеризирани како намерни, поради можноста за непречен влез на било кои лица.

Охридската депонија „Буково“ со години наназад е голем проблем за Охрид, а УНЕСКО во неколку наврати реагираше и побара нејзино затворање и дислоцирање. Изградбата на нова регионална депонија за Југозападниот регион во општина Дебарца беше прекината во 2019 година поради незадовоството на тамошното население, но и негативните реакции на општинските власти.

Инаку, општинската депонија „Буково“ нема А-интегрирана еколошка дозвола што треба да биде издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање, а која што е неопходна за нејзиното функционирање. Со депонијата „Буково“ управува охридската локална самоуправа преку јавното комунално претпријатие, но изградбата на новата регионална депонија треба да ја реализира државата преку Министерството за животна средина и просторно планирање.

УНЕСКО уште по посетата на реактивна мисија во Охрид во 2017 година, односно надзорот на експертскиот тим назначен од оваа организација на Обединетите нации, го побара затворањето на охридската депонија „Буково“ најдоцна до крајот на 2020 година. Ова е една од забелешките од коишто зависи статусот на охридскиот регион како меѓународно заштитено подрачје поради природните и културни вредности. Прашање е дали и во најновиот извештај на УНЕСКО државните и општински власти ќе добијат критики поради тоа што депонијата „Буково“ не е затворена.

Во изминатиов период локалната самоуправа и централната власт си ја префрлаа вината за затворањето на оваа општинска депонија. Мета.мк изминатово лето објави дека Министерството за животна средина и просторно планирање планира да ја гради новата регионална депонија за Пелагонискиот и Југозападниот плански регион на локацијата на дел од досегашниот рудник за јаглен „Суводол“ во Битола. Покрај складирањето на отпадот на оваа локација, на територијата на општина Охрид треба да се изгради нова претоварна станица за комуналниот отпад.

Владата на РСМ изминатава пролет до Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја поднесе апликацијата до ЕБОР за добивање на кредит во висина од 55.367.614 евра за изградба на регионалните депонии за Југоисточниот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Полошкиот регион во земјава.

Министерството за животна средина и просторно планирање летово рекоа дека во 2022 година очекуваат да отпочне изведбата на регионалните депонии според стандардите на Европската Унија, со коишто треба да се реши проблемот со функционирањето на нестандардните депонии, вклучувајќи ја и „Буково“. Мета.мк деновиве повторно испрати прашања до ова министерство за да добиеме информација дали ЕБОР одлучил за побараниот заем за овие регионални депонии, но одговори на поставените прашања не добивме до денешен ден.

Европската Комисија во Извештајот за остварениот реформски напредок на земјава за 2021 година јасно им порача на властите дека догодина треба да преземат јасни чекори за воспоставување на регионалните системи за управување со отпад во земјава, како би се заштитила животната средина од постојните загадувања на почвата, водата и воздухот.