Десетина вреќи со секаков вид отпад викендов беа собрани од страна на активистите на „Чист Охрид“ кај едно од омилените излетнички места на охриѓани, во месноста кај „Паднатите борци“. Станува збор за видиковецот кој е омилено собиралиште претежно за млади луѓе, но и за рекреативци.

Еколозите токму на овој простор ја реализирааа својата триесет и деветта акција за чистење на мини депониите низ најразлични локации во и околу Охрид. Велат дека просторот кај „Паднатите борци“ има недостиг од канти за одлагање отпад, кои тука се повеќе од потребни.

Од „Чист Охрид“ апелираат до надлежните што е можно поскоро да се регулира овој проблем, но упатија апел и до сите посетители на ова излетничко место, совесно и одговорно да се однесуваат кон својата околина.

Тие велат дека во оваа 39. акција на неформалната еколошка организација „Чист Охрид“ се приклучија неколку нови лица и ги охрабруваат сите граѓани, да ги следат и да им се приклучат, со една цел, а тоа е чист Охрид.