fbpx

Охридскиот Црвен крст добитник на наградата „Свети Климент Охридски – патрон на Охрид“

-

Неколкудневното чествување на свети Климент Охридски, патронот на градот Охрид, завршува вечерва со свечената академија во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Свеченоста ќе почне со химната за свети Климент од Димитар Масески, во изведба на хорот при ОСУ „Св. Климент Охридски“, а потоа пригодно обраќање ќе има градоначалникот Никола Бакрачески.

Беседа за великото дело на светецот ќе одржи проф. д-р Кирил Темков, а потоа ќе биде врачена годинешната награда „Свети Климент Охридски – патрон на Охрид“ на општинската организација на Црвениот крст, која одбележува 70 години дејствување. Свечената академија ќе заврши со настап на македонската етно-група „Синтезис“.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, образлагајќи ја одлуката, рече дека акцентот на Црвениот крст, во овие турбулентни времиња, е свртен кон ублажување на човечкото страдање, заштитата и здравјето воопшто, почит и достоинство за секое човечко битие, особено за време на вооружени конфликти, несреќи и катастрофи, работа на превенција на болести, унапредување на здравствената и социјална добросостојба на луѓето и што е особено значајно – поттикнување на доброволен ангажман и постојана подготвеност за давање помош како универзално чувство за солидарност и хуманост.

– Седумдесет лета минати со стотици организирани крводарителски акции. Седумдесет лета со безброј хуманитарни активности наменети за наши сограѓани, токму кога тие им биле најпотребни. Оваа највисока општинска награда е големо благодарам од името на сите наши сограѓани кон тимот на Црвен Крст – Охрид за сиот свој труд, време, ресурси, со цел секогаш да бидат таму каде тоа било најпотребно. Оваа награда во исто време е охрабрување и поттик на истата и понатака да остане на страната на обичниот, хуманиот и пред се несебичниот човек – додаде Бакрачески.

Градоначалникот им додели награди на учениците Сергеј Костовски, ученик во прва година во ДТУ „Ванчо Питошески“, и Ема Николоска, ученичка во четврто одделение во ОУ „Григор Прличев“, чии теми беа најуспешни на литературниот конкурс што тој го распишал, кој по повод 8 декември – Денот на Свети Климент Охридски, за учениците од охридските основни и средни училишта.

По повод празникот, вчера охриѓани во организирана литија се искачија до светиклиментовиот храм на Плаошник, каде претпладнево се одржува свечената литургија по што ќе биде положено свежо цвеќе пред спомен-обележјата на св. Климент Охридски во ОУ „Св. Климент“ и на градскиот плоштад со името на патронот на Охрид.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...