Дејан Блажески, член на Советот на Општина Охрид, јавно побара од претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, кој воедно е член и на Економскиот совет на Општина Охрид, да тргне по примерот на Стопанската комора на Северозападна Македонија и во името на целата комора да побара од претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, да ја ја повлече одлуката за аболиција.
– Одважи се и кажи какви се консеквенците што ги предизвика врз бизнисот одлуката на Ѓорѓе Иванов! Во овие клучни моменти, веќе не може да се вози паралелен слалом и затоа сметам дека не ви преостанува многу: или да се одважите и да застанете во одбрана на бизнис-секторот и на интересот на граѓаните или да одмолчите како честопати досега и да ги потврдите сомнежите дека целата ваша досегашна работа е во служба на оваа Влада и на нејзините лоши економски политики. Ве потсетувам дека основното начело поради кое постои Стопанската комора е интересот на бизнис-заедницата – вели охридскиот советник Дејан Блажески.