Фото: Арбнора Мемети

Кризниот штаб на Општина Охрид денеска по барање на градоначалникот Константин Георгиески одржа он-лајн состанок на кој беа вклучени сите постојани членови. На состанокот беа донесени заклучоци во однос на состојбата со ковид-19 во оваа општина, а беа упатени и препораки и апели до различни субјекти.

Засега состојбата со здравствената криза во Охрид е стабилна, заклучил охридскиот кризен штаб. Според податоците на надлежните здравствени институции, до денес во Охрид се регистрирани 170 активни случаи кои се позитивни на корона вирусот. На Инфективното одделение и одделот за геријатрија во Општата болница во Охрид се згрижени вкупно 40 пациенти.

„Во моментот се подготвува план за реорганизација по други одделенија при евентуален поголем прилив на заразени во текот на наредниот период, кои би имале потреба од болничко лекување. Доколку се јави зголемена потреба од дополнителни капацитети за згрижување на пациенти, би можеле да бидат искористени и останатите здравствени објекти на подрачјето на општината“, се наведува во еден од заклучоците на охридскиот кризен штаб.

Тие упатија препорака до сите компании, трговски, угостителски, сместувачки капацитети и сите останати работни организации, за максимално почитување на препораките за превенција од ковид-19 и преземање на навремени мерки за изолирање на сомнителните случаи помеѓу вработените.

Воедно, претставниците на кризниот штаб упатија препорака до матичните лекари на ниво на општината максимално да се вклучат во давање на препораки и соодветно третирање на пациентите по утврдените протоколи, како и во делот на давање на препораки за самоизолација.

„Се упатува апел до сите граѓани кои се во изолација да имаат поголемо трпение и да ги почитуваат мерките за превенција со цел да го заштитат здравјето на останатите граѓани“, велат од охридскиот кризен штаб.

Тие упатуваат апел и до жителите на Охрид и до туристите кои во текот на викендите го посетуваат градот, максимално да ги почитуваат сите мерки за заштита и превенција, да носат заштитни маски, да ја одржуваат потребната дистанца, да се одржува лична хигиена и да се врши дезинфекција.