fbpx

Охридскиот договор „наполни“ 20 години – одбележувањето помина без преживеаните потписници

-

Со конференцијата „…По Охрид“, која во организација на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, во соработка со Програмата за изградба на мирот и човековите права на Универзитетот на Колумбија, се одржа денеска во Скопје, се одбележа 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор.

На конференцијата говореа претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, премиерот Зоран Заев како и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој во времето на воениот конфликт во 2001 беше политички лидер на ОНА, но и поранешниот генерален секретар на НАТО, лордот Џорџ Робертсон.

На одбележувањето отсутвуваа двајцата преживеани потписници на Охридскиот договор од Македонија – Љубчо Георгиевски, тогашен премие, и Бранко Црвенковски, тогашен претседател на СДСМ.

Потписници на Охридскиот договор се тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и тогашен премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ Франсоа Леотар и на САД Џејмс Пердју.. Џафери, Имери и Пердју се починати, а Леотар, кој е во поодминати години и тогаш беше амбасадор на ЕУ во Македонија, исто така отсуствуваше.

Шефот на државата порача дека во хетерогена заедница како во Северна Македонија, најголемата опасност што треба да се избегнува би била бинационалноста.

Договорот го издржа тестот на времето, иако е далеку од совршен. Ако во него бараме пропусти, тогаш, според мене, најголемата грешка беше тоа што под притисок на крајно неповолната динамика од настаните на теренот учесниците во преговорите воопшто немаа време да се посветат на правата и статусот на помалку бројните етнички заедници и поради тоа договорот со право е оквалификуван како бинационален, а, тоа сигурно не е предност во едно мултикултурно општество. Во хетерогена политичка заедница како нашата, бинационалниот не смее да биде замена за автентичниот мултинационален модел кој треба да го развиваме, порача претседателот Пендаровски во обраќањето на конференцијата.

Шефот на државата порача дека „за да продолжи и понатаму да егзистира единствениот успешен пример на функционална мултиетничка демократија во регионот“, треба постојано да ги имаме сновните принципи на Рамковниот Договор со која употребата на насилство заради постигнување на политички цели се отфрла целосно и безусловно, затоа што само политичките решенија можат да гарантираат стабилна и демократска иднина“.

Со други зборови: сега имаме рамка, сега имаме устав, имаме искуство и мораме секоја криза да ја внесеме внатре во институциите и да ја менаџираме низ демократски процедури, порача претседателот Пендаровски.

Според собранискиот спикер Џафери, Охридскиот рамковен договор е „Договор на мирот и Договор што ги постави новите правила на општествената кохезија и подоброто меѓуетничко функционирање, кој што беше најцврстиот и најсолиден темел врз кој го трансформиравме видливо нашето мултиетничко, мултиконфесионално и мултикултурно општество“. Тој порача дека мора да продолжи изградбата на такво општество, за што земјава има силна меѓународна поддршка.

Издржавме цврсто и како што реков, се трансформиравме како општество, созреавме како политичари, како граѓани, ни се отворија хоризонтите и успеавме да ја согледаме големата слика пред која стоиме сите заедно, со една заедничка јасна цел пред нас – а тоа е, Република Северна Македонија да биде успешна приказна за напредна парламентарна демократија, современа, сега веќе полноправна земја-членка на НАТО, со надеж набрзо и член на големото европско семејство, меѓутоа над се, дом на сите припадници на различните етнички, верски, културни заедници, дом на сите граѓани! На овој пат, имаме безрезервна поддршка од нашите меѓународни пријатели и стратешки партнери кои беа до нас и го помогнаа концептот и постигнувањето на мирот со отворен и непосреден политички дијалог и се до нас и сега кога ги уживаме резултатите од неопходноста, моќта и ефективноста на Охридскиот договор, порача Џафери.

Премиерот Зоран Заев нагласи дека Охридскиот рамковен договор донел нов дух на водење политики – политики кои градат мостови, а не ги рушат.

Охридскиот рамковен договор ја испрати и пораката за меѓусебно разбирање, извинување и простување меѓу Македонците и Албанците и меѓу сите други наши граѓани. Тоа е пораката за соживот, за еднакви граѓани, во заедничката ни – Татковина. Охридскиот рамковен договор донесе нов дух на водење политики – политики кои градат мостови, а не ги рушат. Политики коишто ги сплотуваат граѓаните, а не ги делат на патот на кој ја обезбедуваме иднината, во нашиот заеднички евроатлантски дом, заедно со другите народи“, истакна премиерот Заев и посочи дека концептот за „Едно општество за сите“ е со силна база и создадовме граѓанска држава со еднакви услови за сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници, порача Заев.

Али Ахмети, кој по воениот конфликт во 2001 година ја формираше ДУИ и е на нејзино чело оттогаш,  повика на спроведување на Договорот и почитување меѓу заедниците.

Сè уште во оваа држава има стереотипи и предрасуди. Сè уште има заинтересирани кои се мотивираат од идеологии и држави кои не сакаат нашата држава да напредува, туку сакаат нивни влијание да доминираат. Ние немаме друга алтернатива. Да ги почитуваме постигнатите договори, да успееме заедниците во оваа држава да бидат господари на нивните судбини, да не ни пречи ниту јазикот, ниту културата на другиот, рече Ахмети.

 

Џорџ Робертсон потсети колку било тешко да се дојде до компромис кој според него е основата на секоја демократија.

Мислам дека Европа и Балканот го потценија начинот на кој Охридскиот договор даде пример, образец за решавање на конфликти. Тој има свои несовршености, никогаш не го гледавме како совршен и сè уште има луѓе кои сметаат дека дале премногу или добиле премалку. И двете овие гледишта се на погрешната страна од историјата. Консензусот, компромисот и рамнотежата, толеранцијата можеби не се модерни во свет кој е склон кон авторитарен модел, но тие се темелот на просперитетни, задоволни и мирни демократии кои повеќето луѓе ги сакаат, изјави Робертсон.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Донбас. Вчера, денес, утре“ – документарец во најдобрата пропагандна традиција на Кремљ

Руската амбасада деновиве го сподели на Фејсбук документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре“ (2021), во кој се користи една честа манипулација, а тоа е правење збрка во редоследот на настаните, за...