Аеродромот „Св.Апостол Павле“-Охрид, управуван од страна на „ТАВ Македонија“, достигна бројка од 300.000 патници за прв пат, што е значаен пораст на патничкиот сообраќај од 815 проценти, или осумкратно зголемување за период од 10 години.

-Во 2009 година, пред ТАВ да ја преземе работата, охридскиот аеродром имаше 36.652 патници. Во текот на изминатиов викенд ја надминавме бројката од 300.000 патници, што претставува пораст од извонредни 815 отсто, или во 10 години успеавме да постигнеме осум пати поголем патнички сообраќај. Ова е резултат на експанзијата на мрежата на авиолинии на аеродромот „Св.Апостол Павле“-Охрид, за што како аеродромски оператор постојано работиме. По интензивниот пораст на патничкиот сообраќај, во 2020 година „ТАВ Македонија“ ќе изведе градежни работи за проширување на терминалната зграда на охридскиот аеродром. Тоа ќе резултира со удвојување на капацитетот на охридскиот аеродром, каде потоа ќе може да се опслужуваат до 600.000 патници годишно, со 5.000 до 6.000 летови“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

Од охридскиот аеродром моментално се лета на 22 дестинации, од кои осум се редовни авиолинии, сите опслужувани од 13 авиокомпании.

 -Од аеродром што имаше само неколку дестинации за време на летната сезона во 2009 година, денес охридскиот аеродром опслужува вкупно 22 дестинации. Осум се редовни, односно функционираат во текот на целата година до следниве дестинации: Цирих, Базел, Лондон, Меминген, Милано, Виена, Дортмунд, Малме, додека 14 се сезонски летови до следниве дестинации: Адана, Амстердам, Бергамо, Брисел, Дизелдорф, Ајндховен, Фридрихшафен, Истанбул, Катовице, Мастрихт, Штутгарт, Талин, Тел Авив, Варшава, односно ова се летови што ги има во периодот од април до октомври. Работиме на тоа да го трансформираме охридскиот аеродром во регионален центар, кој што ќе ги опслужува не само македонските патници, туку и сите патници од соседните држави“, објаснува Ерсој.

Бројот на патници на аеродромот „Св.Апостол Павле“-Охрид во првите 11 месеци од 2019 година се зголеми за значајни 70 проценти, односно бројот на патници е 296.870, кои беа превезени со 2.469 летови (66,7 проценти годишен раст). Само во ноември, охридскиот аеродром имаше завиден пораст од 240 проценти во однос на патничкиот сообраќај, што претставува извонреден резултат постигнат надвор од летната сезона.

Со 53,8 проценти пораст во патничкиот сообраќај во третиот квартал од 2019 година, охридскиот аеродром беше рангиран на листата на најбрзорастечки аеродроми во својата големина, во групата на аеродроми што не се во ЕУ, од страна на Airports Council International Europe.