Охрид вели дека работи на зачувување на природата и културното богатство, УНЕСКО не го гледа напредокот

Извор на фотографија: Фејсбук страница на Ohrid SOS

УНЕСКО не гледа напредок во заштитата на природното и културното наследство во Охридскиот регион, а во последниот нацрт-извештај, испратен до локалните власти и надлежните министерства, го става Охрид на еден чекор пред прогласување на листата на светско наследство во опасност.

Извештајот особено ги акцентира проблемите во заштитата на автентичноста на старите градби, отстранувањето на дивоградбите и проблематичните урбанистички планови за градба, како и нивното директно влијание врз езерото и живиот свет.

Од Општината Охрид велат дека најновиот нацрт-извештај на УНЕСКО, кој е резултат на реактивната мониторинг мисија од февруари минатата година и е сублимат на забелешките од сите претходни мониторинг мисии кои биле реализирани во овој регион, е веќе пристигнат кај нив и дека во предвидениот рок ќе испратат свои коментари.

Во реакција на извештајот, од Општината Охрид, пак, велат дека континуирано работат на имплементирање на сите препораки на УНЕСКО, како и дека успеале да направат значајни чекори за зачувување на статусот на светско природно и културно наследство.

„Донесен е сеопфатен План за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион кој ги има опфатено сите аспекти во делот на управувањето со езерското крајбрежје, урбаните и руралните средини. Беа стопирани штетните проекти за изградба на ски cентар на планината Галичица и изградба на експресен пат Охрид-Свeти Наум. Започна реконструкцијата на Колекторскиот систем на Охридското Езеро и формирано е ново јавно препријатие кое е задолжено за контрола на системот на отпадни води. Исто така, за прв пат е воспоставена платформа за соработка со Албанија за заштита на сливот на езерото во двете соседни држави“, велат од Општина Охрид.

Посочуваат дека беше изготвен и инвентар на бесправно изградени објекти и воведен времен мораториум за градба на целата територија на општината, а започнал и процесот за изготвување на урбанистички планови за 18 охридски села, како еден од најефикасните начини за борба против дивоградбите.