Властите дозволуваат изградба на хотел на ридот Горица во Охрид, иако тоа е спротивно на Конвенцијата за светско наследство, алармира иницијативата „Охрид СОС“. Од таму посочуваат на извештајот на Реактивната мониторинг мисија (РММ) на УНЕСКО, според кој, градилиштето е наводно отворено без претходно известување до Центарот за светско наследство, како што налагаат правилата.
„Комитетот за светско наследство во јули 2024 јасно повика Македонија да ја запре изградбата во Горица сè додека не се направат детални проценки на влијанието врз животната средина и наследството“, велат од Охрид СОС. Сепак, во последниот извештај до УНЕСКО, државата не спомнала никакви активности во однос на Горица, што според активистите покажува непочитување на преземените обврски.
Охридскиот регион останува под закана од прекумерна урбанизација, додека експертите предупредуваат дека приоритет треба да биде зачувувањето на природното и културното наследство, а не интересите на поединци.