Од „Охрид СОС“ велат дека Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион 2019-2028 година и Стратегиската оценка за животна средина (СОЖС) кон овој план несоодветно го третираат влијанието на идниот автопат Требеништа – Струга и пругата Струга – Лин врз биодиверзитетот на регионот што е заштитен под капата на УНЕСКО.

„Охрид СОС“ во соопштението за медиуми тврдат дека во СОЖС не е направена квантификација на аспекти, како што е проценетиот број на возила и луѓе за автопатот Требеништа – Охрид и за железничкото поврзување на Македонија и Албанија. Тие не се анализирани од аспект на нивното негативно влијание врз биодиверзитетот, тврдат од оваа граѓанска иницијатива.

„Најверојатно, документот го достигнува своето дно во анализата на кумулативните влијанија кои ги сведува на пејзажни ефекти за железницата Струга – Лин, патот Требеништа – Струга и далекуводот“, се наведува во соопштението на „Охрид СОС“.

И додека невладиниот сектор критикува, владата ја задолжи канцеларијата на премиерот, во соработка со Националната комисија за УНЕСКО, да ги координира работите и програмата за реактивната мисија на УНЕСКО закажана за крајот на јануари 2020 година, како и изработката на извештајот за напредок што треба да се достави до УНЕСКО.

Од Јавното претпријатие за државни патишта за „Мета.мк“ информираат дека за автопатот Требеништа – Струга од реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО во 2017 година е дадена препорака во техничката документација да се имплементираат доволен број на премини за животни и луѓе на идниот автопат. Стручно мислење за оваа препорака била побарана од проектантот и е извршено имплементирање на ваквата препорака во проектот.

Од претпријатието велат дека одговориле на дадените препораки на УНЕСКО, кои се официјално испратени до Министерството за култура, Националната комисија на УНЕСКО и Комисијата за управување со културно и природно наследство на Охридскиот регион. Препораките на УНЕСКО ќе бидат земени во предвид од ЈП за државни патишта и при изработката на проектната документација за идниот автопат од Струга до граничниот премин Ќафасан.

Инаку, сите релевантни државни институции најдоцна до 13 декември требаше да достават ажурирани и сеопфатни информации за степенот на реализација на препораките на УНЕСКО, кои пак ќе бидат дел од прогрес извештајот за напредокот што ќе се достави до УНЕСКО најдоцна до 31 јануари 2020 година. Планот за управување со природното и културното наследство, заедно со СОЖС, ќе мораат да се изработат во согласност со препораките на УНЕСКО.

Наспроти активностите што ги преземаат државните институции, од „Охрид СОС“ остануваат на констатацијата дека Охридскиот регион се наоѓа пред портите за влез на листата на Светското наследство во опасност на УНЕСКО.