„Охрид СОС“: Бетонски огради на брегот и среде изгорената трска кај Струга

Продолжува самоволието на одредени поединци, на кои не им пречи постојаниот притисок, медиумско експонирање на проблемот изминатиов период, па на одредени парцели помеѓу Струга и Калишта тампонираат, поставуваат бетонски огради, палат трска и друга вегетација среде бел ден, а на повеќе локации се депонира и градежен шут, реагираат активисти од граѓанската иницијатива Охрид СОС.

„Се чини како да е ова ничија земја, како да не важат овде законите на државата, како да нема никаква контрола од надлежните институции. Максимално се користи секој момент, имајќи ја предвид најавата на Владата дека ингеренциите за плажите во Охрид и Струга ќе преминат од општинско на државно ниво. Не се знае кој узурпира, кој гради, на терен беа лица со приватни возила, израмнет терен, на неколку места изградени објекти непосредно до езерото, паркирани возила, оградено со жица. Глетката е ужасна. Оваа ситуација не беше спомната во одговорот на македонските институции до УНЕСКО. Свесно е премолчено ова намерно уништување на природата, појасот трска кој е овде најконзистентен. Сите молчат, локацијата е надвор од градот, незабележлива, што е уште еден поволен момент за овие узурпатори“, се вели во соопштението

Активистите повикуваат медиумите и јавноста да ја посетат локацијата да ги евидентираат сите дејствија, да се сними, да се затекнат оние кои дивеат покрај патот, среде трската, кои уништуваат дел од природното наследство на охридскиот регион.

„Направете дополнителен притисок со тоа што ќе известите, ќе потенцирате дека постојат во државата места каде не важат никакви закони, каде никој не доаѓа, нити инспектор нити било кој друг. Каде несметано се девастира живеалиште на многу животински и растителни врсти, специфични за овој предел“, апелираат од Охрид СОС.