Во Охрид, утре, на чинот на фрлањето на светиот крст во водите на Охридско Езеро за празникот Богојавление – Водици, се очекуваат повеќе илјади гости, пред сè, домашни, но и индивидуални туристи од Бугарија, Србија и од другите земји од соседството.

Хотелиерите и угостителите, и овојпат, аранжаманите за Водици ги нудат по промотивни цени, намалени, во просек од 10 до 20 отсто.

Организацијата на празникот Водици годинава ја презедоа Општината и црквата, откако граѓанското здружение „Богојављение“, по една деценија, се откажа.

– Традиционалните духовни и верски обичаи во Охрид сè понагласено стануваат туристички атракции. Партнерската соработка помеѓу локалната самоуправа, туристичкиот еснаф и верските заедници придонесува за понатамошна афирмација на традицијата и за зголемување на интересот на угостителските субјекти од градот за креирање привлечни понуди и ценовни прилагодувања за сите заинтересирани гости во деновите на манифестацијата – велат во локалната самоуправа.

Во меѓувреме, преземени се сите подготовки за утрешната атракција. Нуркачки тимови го исчистија дното на езерото во потегот на градското пристаниште и ги отстранија сите опасни предмети што може да им наштетат на капачите.

Црвениот крст од Охрид подготви осум тимови од спасители на вода, кои ќе бидат распоредени кај градското пристаниште, во чамци.

Спасувачките екипи ќе бидат засилени и со осум медицински тимови за укажување прва помош со едно амбулантско возило, заедно со две медицински тима на итната медицинска помош со две амбулантски возила.

Со оглед на релативно ниската температура на водата во Охридско Езеро кај пристаништето, 9 Целзиусови степени, и екстремно ниската температура на воздухот која, според најавите, ќе се спушти под минус 10 Целзиусови степени, Црвениот крст повика на исклучително високо внимание и на претпазливост.

За сите капачи кои планираат утре да скокнат во водите, вечерва, од 19 до 23 часот, на платото помеѓу Капетанијата и ресторанот „Чун“, Црвениот крст ќе постави посебен пункт за проверка на здравјето.