Охрид не само што не сме го заштитиле, туку и понатаму дозволуваме негова деградација и уништување

Фото: Љупчо Џамбазовски на Unsplash

Не само што не сме го заштитиле и подобриле нашето природно и културно наследство во Охридскиот регион, туку сме создале уште подобри услови за негово уништување. Последниот нацрт-извештај на УНЕСКО содржи критики и посочување на опасности во секоја од разгледуваните области, од урбанизацијата и дивоградбите, преку туризмот и заштитата на биодиверзитетот до инфраструктурата и третманост на отпадот и отпадните води.

Драматично загрижувачки и полн со итни препораки, нацрт-извештајот на УНЕСКО е класичен пример на поглед на нештата од страна, што секој може да ги види, освен оној што треба да го реши проблемот. Урбанизација на крајбрежјето на езерото со честопати масивни градби на кои местото не им е тука, но и фактот дека на тенденцијата на урбаното проширување не запира, дури и во области надвор од градовите, доведува до деградација на еколошкиот континуитет помеѓу езерото и неговата околина и културните и природните предели на областа, и е еден од најголемите и најдраматични проблеми што го констатира УНЕСКО.

УНЕСКО во нацрт-извештајот заклучува дека активностите кои беа побарани од 2017 година не се завршени, заканувачките проекти и планови сè уште се развиваат, а во меѓувреме се појавиле и нови закани. Проблемите во управувањето на регионот, слабата имплементација на законите лошото планирање на градот и несоодветните проекти, резултирале со сериозно влошување на урбаните, руралните и природните пејзажи со што, констатираат дека се исполниле условите за запишување на Охрид на списокот на светско наследство во опасност.

Од мисијата забележуваат дека македонските, а и албанските власти, имаат планови, но само на хартија, без или со многу бавна реализација. Ја посочуваат лошата координација помеѓу институциите во двете земји, понекогаш водени и од сосема различни приоритети, како и преголемиот фокус и желбите за масовен, наместо одржлив и еколошки туризам.

Комитетот за светско наследство во 2017 година на 41 седница побарал мораториум за каква било крајбрежна и урбана трансформација, но сепак, дури во август 2019 година, откако Комитетот го повторил ова барање на 43-та седница, општините Охрид, Струга и Дебрца конечно донеле општински одлуки во врска со ова. Ова доцнење го одложи запирањето на издавањето на одобренија за градење, со што се зголемија потенцијалните закани од градежните активности. Направен е попис на дивоградби, но уривањето се одвива премногу бавно, всушност само неколку дивоградби досега се делумно уништени.

Уште пострашно, многу од градбите, иако е очигледно по сите параметри дека се опасност, врз основа на доцнењето на мораториумот, добија документација и започнаа да се градат. Најеклатантен пример за тоа е хотелот „Лагадин“, чијашто изградба започна пред околу шест години на 50 метри од брегот на езерото, и за жал, сè уште стои и покрај одлуките дека мора да биде урнат.

УНЕСКО јасно и прецизно го посочува она што македонската јавност многу добро го знае, а централните и локалните власти го премолчуваат. Тоа е фактот дека огромен број од дивоградбите во заштитената област се создадоа преку мајтапење со законите и правилниците, кога градбата беше забранета, но не и адаптациите, проширувањата и други слични заобиколувања на одлуките, со кои и во изминатите години активно се продолжи загрозувањето на природното и културното наследство. Општинските одлуки вклучуваат исклучоци на мораториумот за голем број градежни активности, со што, фактички ја поништуваат одредбата. Заради тоа УНЕСКО и во овој нацрт-извештај бара продолжување на мораториумот, но овојпат вистински, со ограничување на сите можни исклучоци, кои всушност се закани, и ограничување само на вистинските исклучоци кои се поврзани со управувањето со отпадните води и цврстиот отпад. Ниедна друга активност не смее да се дозволи.

Мисијата забележува и на преголемата желба на властите да се развива масовен туризам, за кој е потребен и соодветен урбан развој, наместо да се стремат кон одржлив туризам, а урбанистичкото планирање да го усогласат со статусот на заштитено светско наследство. Несоодветниот урбан развој не го одмина ниту блатото Студенчишта, едно од последните, непроменети и целосно функционални примери на мочуришта, на кое му се заканува понатамошна деградација поради желбата за развој на крајбрежјето. Сите овие активности го загрозуваат и живиот свет. Риболовот, пред сè, на ендемичната охридска пастрмка и на европската јагула, е слабо регулиран, а популацијата на европски јагули значително се намалила по изградбата на браните на Црн Дрим бидејќи конструкциите целосно ја попречија природната миграција на рибите.

Општината Охрид, во реакција на извештајот наброја десетици активности кои биле преземени во изминатите година ипол, но без реален осврт колку всушност сето тоа има придонес во менување на сликата во нивниот регион. Заради тоа, на место е забелешката на УНЕСКО дека имплементацијата на плановите и политиките напредува бавно и дека не е соодветна за решавање на итноста и тежината на моменталната состојба во регионот, ниту пак, дека тие се доволно ефикасни за да сменат нешто.

Од другите институции, пак молк. Министерството за култура не се огласува, а Министерството за животна средина информира дека како одговор на извештајот јавноста од Владата ќе добие заеднички извештај на сите засегнати страни.