Викендов Охрид го живее шпицот на главната туристичка сезона. Традиционално, Охрид доживува кулминација на туристичкото и културно-забавно пулсирање, за илинденскиот викенд.
Со оглед на фактот што 2 Август годинава е во работен ден, во вторник, на гостите им преостана да го искористат овој викенд.
Петокот вечерта и саботата наутро, во Охрид се влегуваше со илјадници автомобили, пред сè, од Скопје, Битола, Кичево и од Прилеп, но и од подалечните места од земјава, секако и од странство.
Дека Охрид е преполн со гости, може да се заклучи од преполнетите паркиралишта, густиот сообраќај, полните кафулиња, ресторани и шеталишта, и, секако, од преполнетите плажи.
Сместувачките капацитети се максимално искористени, како во хотелите, така и во приватното сместување каде нема слободни кревети во потесното градско подрачје.
Кулминација доживува и богатото охридско културно лето, со концертите на фестивалот „Охридско лето“, но и со мноштвото други забавни настани на кои настапуваат светски познати музички имиња, што, исто така, влијае да се зголеми бројот на туристи во градот.