Цветан Мицкоски од населбата Далјан, по потекло од селото Белчишта, Дебрца, беше најсреќен, но и најупорен меѓу капачите во Охридско Езеро и прв стигна и го фати светиот крст во студената вода на езерото.
– Веќе две децении скокав по светиот крст во Охрид за Водици. Многу сум среќен што годинава го фатив крстот и што конечно желбата ми се исполни. За многу години да е празникот Богојавление – рече Мицкоски.
Со години наназад, крстот го вадеа верниците-капачи од охридската населба Варош.
На чинот на осветувањето и на фрлањето на крстот во Охрид, и покрај дождот, присуствуваа неколку илјади охриѓани и гости од соседните земји. По светиот крст скокнаа околу 1.000 капачи.
На манифестацијата по повод Водици, во Охрид присуствуваа голем број личности од политичкиот и од јавниот живот, како од градот, така и од државата, но и од соседните држави и од светот.
Чествувањата утрово почнаа со света архиерејска Василева литургија во црквата „Св. Богородица“ – Каменско, како и во сите парохиски цркви во Охрид.
За присутните на охридското пристаниште и годинава традиционално се делеше топла ракија и вино, а за убавата празнична атмосфера придонесе и настапот на градските хорови.