Охрид блеска во боите на ретките болести

фото: Здружение за ретки болести „Ретко е да си редок“

Самоиловата тврдина, сите основни и неколку средни училишта, локални и национални згради и споменици во центарот на Охрид блеснаа во боите на ретките болести, по повод февруари како месец на ретките болести.

Ова се само дел од локациите што блеснаа во знак на поддршка на пациентите со ретки болести, како дел од кампањата „Ги запознаваме ретките болести 2023“ кој оваа година го има своето петто издание.

„Оваа година за Денот на ретките болести – 28 февруари ги повикуваме сите да ѝ помогнат на заедницата за ретките болести, да се обедини со ланец светла низ целиот свет. Како и секоја година, така и оваа година се приклучуваме кон глобалниот повик на Еурордис за осветлување на локални и национални згради и споменици“, изјави Гордана Лолеска, претседателка на Здружението за ретки болести „Ретко е да си редок“.

Таа истакна дека овој синџир на осветлени објекти ќе послужи како еден од симболичните начини за кршење на изолацијата на глобално ниво и ги повика сите луѓе да се приклучат и да осветлат некој објект.

Кампањата „Ги запознаваме на ретките болести“ е посветена и на здравствените работници кои овие изминати пет години дадоа огромен придонес кон тоа националната кампања да биде поуспешна.