Почна да функционира затворениот Зелен пазар во Охрид и конечно охридските пазарџии имаат достојно место каде ќе ги продаваат своите производи. Изградбата на овој проект „тежеше“ 3,5 милиони евра, изграден е по најсовремени стандарди и значи модернизирање на условите за работа, исполнување на стандардите за трговија со земјоделски и прехранбени производи и подобрување на условите за граѓаните и компаниите од Охрид и охридскиот регион.

На приземјето во новиот деловен објект на површина од 1.230 метри квадратни, се тргуваше скоро на половина од вкупно 190 нови тезги уредени по ХАСАП стандарди. Пазарџии кои и по 30 години се занимаваат со продажба на земјоделски и прехрамбени производи не го криеа задоволството од условите во новиот пазар. 

„Условите се идеални. Нема веќе ни дожд ни снег ниту нечистотија. 30 години сум пазарџија, дали вака ќе ги задржиме условиве и во иднина ќе видиме. Сега е убаво и културно,“ вели еден од трговците.

Административно-деловната зграда во која е сместен пазарот беше отворена на средината на декември минатата година, а е изградена по пат на јавно-приватно партнерство. На приземјето е Зелениот пазар со 190 нови тезги уредени по ХАСАП стандарди, хол, лифт, подвижни скали, пристапни рампи и санитарни јазли за лицата со посебни потреби. Има четири категории на тезги кои имаат и различни цени за закуп. Во подземјето е сместен паркинг од 3.433 метри квадратни и техничките одделенија на објектот.