Огромни разлики во загубите на вода кај општините, заемот од ЕИБ треба да се искористи паметно [инфографик]

Фото: Архива на Мета.мк

Во Македонија има драстични разлики кај процентот на неприходувана вода за пиење во водоводните системи, така што претстојниот заем од 50 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ) треба да се искористи паметно. Податоците на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ) покажуваат дека загубите на вода за пиење кај јавните комунални претпријатија се движи од 14 до фантастични 92 отсто од вкупното количество на произведена вода.

Министерството за животна средина и просторно планирање ќе раководи со имплементацијата на новиот заем од Европската инвестициска банка во висина од 50 милиони евра, за подобрување на водоснабдителната инфраструктура во земјава. Овие средства државата ќе треба да ги распредели по избраните општини, а ќе се искористат за модернизација и изградба на инфраструктура за водоводна и отпадна вода, за дистрибутивни и колекторски мрежи, како и итни мерки за заштита од поплави.

Најновиот заем е втора фаза на проектот за подобрување на водоснабдувањето и за одведување на отпадните води, откако во првичната фаза во 2010 година беа обезбедени 50 милиони евра кои се распределуваа до општините преку Министерството за транспорт и врски. ЕИБ и тогаш беше заемодавач на средствата, но прашањето е колкава ефикасност од имплементацијата на проектот е постигната на крајот од првата фаза, во делот на намалувањето на загубите на вода за пиење.

Официјалните податоци од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ) покажуваат дека процентот на неприходувана вода низ годините се намалува, но на национално ниво сме далеку од прифатливиот процент на загуби на вода за Меѓународната асоцијација на води, кој изнесува под 30 отсто.

Инвестирањето во намалување на загубите на води е до 40 пати поевтино од барањето нови извори (инфографик)

Во 2016 година, процентот на неприходувана вода за пиење во земјава бил 67,55 отсто, за да три години подоцна се намали на 64,64 отсто. Во 2021 година овој процент на национално ниво повторно се намалил и изнесувал 60,46 отсто, но и ваквите загуби на вода за пиење се повеќе од двојно поголеми од она што се смета за прифатлив процент на Меѓународната асоцијација за води.

 

За 2021 година, податоците на РКЕВУ покажуваат драстични разлики кај неприходуваната вода меѓу општините кои изнесуваат меѓу 14 и 92 отсто од вкупно произведената вода за пиење. И по региони, постои огромна дискрепанца во ваквиот процент. Во Североисточниот плански регион, процентот на неприходувана вода лани изнесувал 74,2 отсто, а веднаш по него се општините од Полошкиот регион каде 73,4 отсто од произведената вода за пиење е пресметана за загубена во самите водоводни системи.

Наспроти ова, локалните самоуправи од Пелагонискиот регион со 48,8 отсто и од Југоисточниот регион со 51,5 отсто имаат најмал процент на неприходувана вода на национално ниво.

Инаку, во вкалкулираната неприходувана вода влегуваат физичките губитоци на вода кои произлегуваат од дупнатите водоводни цевки и други оштетувања на инфраструктурата, комерцијалните губитоци на вода поради нелегалната потрошувачка и дивите приклучоци, неточноста на поставените водомери, грешките при ракување со податоци од јавните претпријатија и нефактурираната легална потрошувачка на вода за пиење.

Во нефактурираната вода влегува потрошената вода за пиење која се користи за вода за санирање и испирање на резервоари, фонтани и јавни украсни чешми, полевање на јавни површини, дрвореди, булеварско зеленило и миење на улици.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање во два наврати на 13 и 19 декември побаравме написмено одговори на прашањата за тоа кои се конкретните цели со заемот од ЕИБ што ќе се постигнат во делот на намалувањето на процентот на неприходуваната вода за пиење, но и дали при претстојната распределба на средствата од 50 милиони евра приоритет ќе добијат општините кои имаат докажано најголем процент на загуби на вода за пиење. Сепак, Мета.мк не доби одговори на поставените прашања.

Она што засега е познато дека финансиите од наредната година ќе бидат достапни за сите 80 општини низ Македонија кои се заинтересирани за имплементација на проекти за рехабилитација и изградба на инфраструктура за водоснабдување и за проекти за инфраструктура за отпадни води и заштита од поплави.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање досега информираа дека преку кредитот се создава можност да се опфатат и малите општини во земјава, а ќе биде отворена и проектна канцеларија за имплементација на проектот и ќе се изработи методологија за аплицирање.

При потпишувањето на договорот за реализација на проектот, од Европската инвестициска банка кон крајот на ноември годинава информираа дека нивниот заем од 50 милиони евра треба да придонесе за подобрување на покриеноста, квалитетот и климатската отпорност на услугите за водоснабдување и санитарните услуги, истовремено заштитувајќи ги јавното здравје и животната средина.

„Проектот ќе донесе придобивки за околу 700.000 луѓе, ќе помогне да се создадат нови економски можности и да се зајакне отпорноста на климатските промени за околу 40 отсто од населението во земјата“, информираа тогаш од Европската инвестициска банка.

Со 50 милиони евра, ќе се подобрува водоснабдувањето во сите општини низ земјава

Прашањето за загубите на вода за пиење во водоводните системи и адекватното и навремено решавање на овој проблем особено се актуелизира од аспект на климатските промени и проблемот со врнежите во земјава. Статистичките податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека Македонија изминативе години е погодена како од раст на просечните температури на воздухот, така и од нерамномерно распределување на врнежите. Имено, податоците покажуваат појава на долготрајни периоди без врнежи кои доведуваат до суша, по кои следуваат врнежливи денови со големо количество на воден талог што предизвикува поплави или други штети. Сето ова влијае и на издашноста на изворите на питка вода во земјава.

Климатски промени: Бројот на врнежливи денови намален, количеството на врнежи лани зголемено [инфографик]

Истовремено, високиот процент на неприходувана вода за пиење кај одделни општини се случува во ситуација кога градови, како на пример Тетово или Неготино, се случуваат со проблеми во водоснабдувањето и рестрикции на водата за пиење, особено во летните месеци. Во други случаи, силните врнежи од дожд предизвикуваат заматувања на водата во некои од градовите, така што во одредени периоди се случува и со денови водата од водоводните системи да е забранета за пиење за локалното население.

Рестрикции, чуден мирис и вкус – сè уште нема решение за водата за пиење во Тетово

Инаку, загубите на вода за пиење во водоводните системи во земјава последен пат беа мета на критика и во Извештајот за реформскиот напредок на земјава за 2021 година изработен од Европската Комисија (ЕК). Во Извештајот од македонските власти се побара да вложат дополнителен напор во намалување на процентот на неприходувана вода на национално ниво.

Европската Комисија бара да се вложи поголем напор за намалување на загубите на вода за пиење во земјава