Забележан е огромен пад на бројот на патници превезени со автобуси во вториот квартал на годинава, односно 64 отсто помалку во однос на истиот период минатата година, соопшти Државниот завод за статистика.

Податоците објавени денеска говорат дека во второто тримесечје од 2020 година, во патниот патнички превоз со автобуси се превезени вкупно 7,136 милиони патници, и во однос на истиот период од претходната година нивниот број е намален за 64,8 отсто.

Според видот на превозот, бројот на превезените патници со автобуси во градскиот превоз е намален за 68,6 отсто, во приградскиот превоз за 56,7 отсто, во меѓуградскиот превоз за 74,8 отсто, а во меѓународниот превоз за 99,7 отсто.

Во второто тримесечје од 2020 година, во однос на истиот период од 2019 година, бројот на патничките километри во автобускиот превоз се намалени вкупно за 88,2 отсто. Според видот на превозот, патничките километри во градскиот превоз бележат намалување од 88,8 отсто, во приградскиот превоз 83,9 отсто, во меѓуградскиот превоз 80,6 отсто, а во меѓународниот превоз намалувањето изнесува 99,7 отсто.