Во Парк шумата „Водно“, секој ден, во период од 18 часот до 6 часот наредниот ден се забранува движење на лица и на возила, а патролни возила на МВР ќе го  затворат пристапот кон ова излетничко место. Забрането е и собирање во група на повеќе од пет лица, во паркови и на други јавни места и јавни површини, а надлежни од МВР и од Армијата ќе прават засилени теренски контроли. Сите маркети, аптеки, банки и пошти, задолжително да обезбедат редарска служба при влез и во внатрешноста во овие објекти…

Ова се дел од заклучоците од последната владина седница, одржана доцна синоќа, а во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19.

Како што соопштија од Владата, покрај овие, усвоени се и други заклучоци:

– Забрана за одржување на настава и спроведување на обуки и испити во испитните центри од школите за обука за возачи, за период од 14 дена.

– Се препорачува сите работодавачи, односно секое раководно лице на институцијата, во зависност од типот на работата и можностите, да ја организира работата и начинот на работа, преку работа од дома, без да се наруши редовното и нормалното функционирање на институцијата.

Исклучок од оваа мерка се вработените лица во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, противпожарните територијални единици, Царинската управа, како и домовите за нега на стари лица и мали групни домови.

– Сите маркети, аптеки, банки и објекти кои нудат поштенски услуги, задолжително да обезбедат редарска служба при влез и во внатрешноста во овие објекти, со цел да се контролира влегувањето и бројот на лица во нив, така што ќе се обезбеди минимум потребното растојание од два метри помеѓу лицата пред и во објектите.

– МВР да ги интензивира контролите во приватни куќи и вили во кои се организираат забави и собири (во општина Сопиште и во Соње), со цел да се преземат мерки за спречување на вакви собири, а кон сопственикот на објектот и присутните лица затечени во објектите да се преземат соодветни законски мерки заради непочитување на мерките и препораките на Владата.

– Се задолжува Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство да оствари средба со здруженијата на сточари и Федерацијата на фармери, во врска со извозот на јагниња, како и утврдување на мерки што треба да се преземат во овој период.

Синоќа Владата ја донесе и Одлуката за ограничување на извозот на пченица и наполица и брашно од пченица или наполица со тарифните ознаки 1001 19 00 00, 1001 91 90 00 и 1001 99 00 00 и 1101 00. Ограничувањето на извозот ќе се применува до 30 април годинава, со можност за продолжување доколку состојбата со пандемијата го бара тоа. Тоа е со цел да не се нарушат состојбите на пазарот во земјата и да се обезбедат доволни количини на брашно во услови на зголемена побарувачка на пазарот, предизвикана со прогласувањето на пандемијата од СЗО и во услови на ограничен увоз на брашно поради одлуката за забрана на извоз од Република Србија во времетраење од 30 дена, кое завршува до средината на април годинава.

Усвоени се и одлуки за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало, на: леб, сол, шеќер, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови, лична заштитна опрема, средства за лична хигиена и дезинфекциони средства. Цените на овие производи ќе останат на исто ниво на цените кои важеле на 11 март 2020 година, кога од страна на СЗО е прогласена пандемија на Коронавирусот COVID-19 и тие ќе се применуваат до 30 април 2020 година.

Беше прифатена информацијата за економски мерки, со кои ќе се спроведе директна финансиска поддршка на ликвидноста кај микро, мали и средни компании од страна на Развојната банка на Северна Македонија. Зависно од бројот на вработени, фирмите ќе може да добијат од 3 до 30 илјади евра. Поддршка ќе има и во делот на исплатата на плати со субвенционирање на придонеси за вработени во секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании, за месеците април, мај и јуни од 2020 година, ќе изнесува до 50 отсто од просечна плата исплатена во 2019 година, под одредени услови.

Како што информираа од Владата, со оглед на прогласувањето на вонредна состојба,  се јави потреба од донесување на уредба со која се уредува одложувањето на полагање на испитот за вештаци, правосудниот испит, испитот за медијатори и испитот за нотари. Донесена е и Одлука за забрана на продажба на масло за горење екстра лесно масло за домаќинство ЕЛ-1, од 15 aприл до 15 oктомври 2020 година, затоа што грејната сезона завршува и тој вид на гориво исклучиво е наменето за затоплување на домаќинствата и на другите деловни простории. Неговата натамошна продажба после 15 април се забранува за да не се користи за погон на моторни возила и за другите видови на мотори.