Над 6.000 хектари шума изгореле само минатиот месец, а од почетокот на годинава речиси 9.000 хектари. Пожарите, како и претходните и оваа година го одбележаа летото во земјава. Високите температури, отсуството на врнежи, како и човековите активности, во некои случаи и намерни, се главните причини што горат планините, но и депониите и нивите.
Според податоците на јавното претпријатие Национални шуми, сезоната на пожари почна во март, кога биле регистрирани 44 пожари на отворено во кои изгореле 450 хектари. Во мај немало ниту еден пожар, а во јуни само два. Сепак, најдрастичен е примерот на минатиот месец кога во 51 пожар изгореле над 6.000 хектари, од кои речиси половината се во огромниот пожар на планината Готен, за кој беше побарана и меѓународна помош пред да се стави под контрола.
„Најголемата зафатена површина врз основа на моите проценки е пожарот на Готен. Сѐ уште немаме официјални податоци, но мислам дека на територијата на трите општини има помалку од 3000 хектари од кои не е се изгорено, што значи дека дополнително ќе се изврши документирање за тоа колкава е штетата. Таму гореше пред сѐ смрека, трева и слаб деградиран даб и очекуваме штетата во однос на дрвниот фонд да не биде голема“, вели Кирил Михаилов, заменик директор на Национални шуми.
Тој смета дека некои од решенијата за намалување на бројот на пожарите се подигнувањето на свеста кај граѓаните, но и средувањето на целиот систем на ЕВН за пренос на електрична енергија. Михаилов вели дека, засега, некако успеваат состојбата со огромна бројка на пожари на отворен простор, да ја држат под контрола.
Според актуелната состојба, и овој месец ќе биде ист како и претходниот. Пожарите продолжуваат, а веќе четири дена не може да се стави под контрола огнот во Јасен. Скромните капацитети на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Национални шуми, како и ресурсите на Армијата, Министерството за внатрешни работи и локалните противпожарни единици максимално се искористени. Од состојбите со кои се соочувавме минатите години е јасно дека вложувањата во превенцијата и заштитата се минимални, што директно се одразува на можностите за ефикасно справување со пожарите на отворено.
Во меѓувреме државата се соочува со големи штети. Освен економските, пресметани во загубата на шуми и дрвна маса или изгорени објекти, огромни се и штетите во биодиверзитетот, загубата на значајни живеалишта како тоа во Паркот Езерани, уништување на растителен свет и животни, меѓу кои некои се и ретки и загрозени. Само минатата година во 250 пожари биле зафатени 61.061 хектари, а штетите се процениле на над 83 милиони евра. Пожарите се и сериозна закана за здравјето на луѓето, не само за оние кои секојдневно работат на гаснење на пожарите, туку и на сите, особено преку загадувањето на воздухот. И годинава речиси и да немаше град во кој не се чувствуваше мирисот на изгорено.
Иако лекциите од минатите години досега требало да бидат научени, сепак и годинава многу од предвидените мерки за превенција остануваат на хартија. Во Планската програма за почист воздух, 2024-2030, што ја промовираше вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, дел од мерките се насочени токму кон превенцијата од пожари, а со тоа и кон заштита на воздухот.
Една од активностите која е предвидена да се реализира од годинава е и поставување на регулиран систем за брза реакција при шумски пожари, превентивно спречување на пожарите и за зголемување на капацитетите на Национални шуми за силна прва реакција. Од неа се очекува најголем дел од пожарите да се изгаснат во првата фаза, како и да се обезбедат снимки од начинот на создавање на пожарите, кои би резултирале со кривични казни за случаите со намерно подметнување.
Втората мерка е стопирањето на навиката кај земјоделците за палење на стрништата, која според Планската програма треба да се реализира оваа и идната година, а предвидува ангажман на Инспекторатите за животна средина и за земјоделство. Ова практика многупати досега била причина за настанување на големи пожари, заради што е предвидена и казна со укинување на субвенциите за производителите кои ќе палат наместо да заоруваат.
Сепак, и двете мерки засега остануваат само на хартија. Надлежните институции, веќе два месеци не даваат информации зошто не се започнати активности. Мета.мк пред речиси два месеци упати прашања до кабинетот на вицепремиерот Меџити во Министерството за животна средина, дали е започната имплементацијата на овие мерки од Планската програма, колку време ќе треба за да се реализираат и колкав буџет е предвиден за тоа. Од таму не упатија прашањата да ги доставиме до неговиот кабинет во Владата. Од, таму, пак, повторно не вратија во Министерството со образложение дека тој кабинет комуницира со медиумите. Сепак, и по повторното испраќање на истите прашања до Министерството пред повеќе од 15 дена, одговори не добивме.
