Со мала анализа на сè што се случуваше минатата година во справувањето со пожарите и со главните поенти на кажаното во последните денови, а предизвикано од големиот пожар на дел од Скопска Црна Гора, може да се заклучи дека „огноотпорноста“ на државата, што би рекол премиерот Христијан Мицкоски, е малку, а не многу зголемена. Таа ќе беше драматично зголемена доколку сите мерки што сега се преземале и се преземаат биле сторени некој месец порано. Затоа пак, меѓупартиската комуникација со целосна исклучивост, со премногу суперлативи и целосни негирања, предизвикаа „парампарче“ кај јавноста во поглед на информираноста за темата и дополнително ги поделија граѓаните и по етничка и по партиска линија, пренесува Вистиномер.
Пишува: Теофил Блажевски
Пожарот во околината на Блаце пред граничниот премин, кој потоа се прошири или пак бил сосема друг кај Чучер Сандево, предизвика жестока партиска пресметка што направи „парампарче“ од различни толкувања кај јавноста. Пожарот кој завчера (08.08.) бил ставен под контрола, според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување(ДЗС) Стојанче Ангелов, од утрината поради ветрот може повторно да се разгори, а предизвика и нов кај дивата депонија во Визбегово што може да се види и од централното подрачје на Скопје. До вечер веројатно целосно ќе биде изгаснат и поради најавениот пад на температурата, но и попладневните дождови кои се очекуваат и на Скопска Црна Гора. Затоа пак, последиците од поделената јавност се пресликуваат во општеството и тоа може да се види на која било социјална мрежа што ја употребуваат граѓаните во земјава. Во рубриката Контекст се обидовме да направиме мала анализа, за да станата нештата појасни, како што гласи логото на еден наш неделник.
Дали многу ја зголемивме „огноотпорноста“?
Пред само неколку дена (05.07) на полигонот Пепелиште во Криволак беше претставена нова единица што е во посед на ДЗС, а тоа се 40-тина пренаменети армиски и полициски теренски и транспортни возила кои биле во резерва и во магацини, во возила кои сега се употребуваат за гаснење пожари, а всушност, се дел од новата идна професионална единица на ниво на чета која ќе се вика „Специјален тим за брз одговор“. И тогаш, веста што ја пренесоа и во регионот, и еден ден подоцна во тв интервју во Сител, премиерот Христијан Мицкоски ја искоментира како „многу поподготвени како никогаш порано“, а потоа утредента (06.07), „многу поподготвени во последните две три години“, што ја нарече фигуративно како „огноотпорност“:
„Нашата огноотпорност, еве фигуративно да се изразам, е многу поголема визави онаа којашто беше пред година, две или три години…оваа единица, армиските хеликоптери и хеликоптерите на полицијата, на тоа додадени „ер тракторите“…ценам дека сме апсолутно подготвени, доколку оваа година се случат пожари да ги прифатиме и да ги совладаме, плус тука би ги додал и доброволните пожарникари… Така што, генерално можам да кажам дека сме спремни да дејствуваме доколку се случат овие пожари. Сме проактивни, не сме реактивни (од 16.50 – 17.44 мин од разговорот кој започнува по 13-тата минута од интервјуто за Тема на денот на ТВ Сител).
Следниот ден, понеделник (07.07.), кога пожарот кај Блаце веќе беше започнат, портпаролката на Владата Марија Митева во присуство на првите луѓе на ДЗС и на ЗЕЛС ја претстави „новата мерка на Владата која е опфатена со оперативниот план за вработување: „Јавни работи за заштита и превенција од пожари“:
Мерката предвидува вклучување на 400 невработени лица, кои ќе бидат ангажирани во јавни работи со фокус на создавање на противпожарни појаси и други активности за спречување и намалување на ризикот од пожари. Сакам да потенцирам дека секој ангажиран учесник ќе добива месечна финансиска поддршка од 24.000 денари. Исто така, важно е да нагласиме дека сите оние кои ќе покажат особен интерес, посветеност и висока подготвеност по завршување на оваа мерка ќе бидат трајно ангажирани преку нивно вработување во институциите кои се надлежни за оваа работа. (Целата прес-конференција може да се види ТУКА).
Во текот на вечерните часови и ноќта помеѓу 7 и 8 јули, пожарот се разгоре, а на социјалните мрежи и партиските штабови се разгореа апели за спасување на селата, за изгорени куќи (викендички) и деманти од надлежните.
Ден подоцна, на 08.08. Митева повторно на прес извести за нова одлука на Владата, прогласување на кризна состојба во траење од 30 дена (толку е законското право на Владата пред за продолжување да решава Собранието):
…Оваа одлука е донесена врз основа на денешната седница на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи поради сложената состојба на теренот, високите температури, силните ветрови и ризикот за животната средина, имотот и безбедноста на граѓаните. Што значи ова на терен?… Владата ќе обезбеди итна и навремена помош за сите засегнати подрачја, со приоритет на безбедноста на населението. Државата ќе биде таму каде што е најпотребно….
Во текот на истиот ден директорот на ДЗС Ангелов околу пладне најпрво извести дека има сериозни индиции дека пожарот е подметнат. Вечерта пак, во дебатната емисија Топ Тема на Телма во подолго интервју тоа го повтори, но и ги повтори зборовите на премиерот Мицкоски дека државата е „многу поподготвена“, употребувајќи ја придавката „драстично“, да се справува со пожарите:
Оваа Влада покажува поголем ангажман и сум оптимист. Имам право да кажам дека оваа година сме драстично подобри. Па два дена еден „пинцгауер“ и еден „хермелин“ со 6-тонска цистерна се на терен и се исклучително ефикасни и сум многу задоволен од нив…(од 49.мин во интервјуто за Топ Тема на Телма)…
Во интервјуто кое траеше повеќе од еден час Ангелов кажа и еден куп други информации, од кои поважните се дека неговата визија што е поткрепена и од Владата, е главната противпожарна заштита да се базира врз доброволните противпожарни друштва, по примерите во Австрија, Словенија, Бугарија, па оттаму и огласот за 400 лица од кои поголемиот дел ќе бидат примени во локалните самоуправи, а само најподготвените ќе се приклучат на ДЗС за новата единица.
Потоа појасни дека премиерот имал право кога рекол дека зголемен е бројот на пожарите во планините зашто селата ни се пусти и нема стока да ја пасе тревата и тоа го објаснуваше (за што на медиумите и социјалните мрежи го распнале, а беше предмет и на анализа на Вистиномер), па кажа дека само еден и пол месец е на чело на ДЗС и дека целата визија за спојување со Центарот за управување со кризи и со други институции во некоја трета институција малку доцни итн.
Од промоцијата на пренаменетите возила на полигонот кај Пепелиште. Фото: Влада на РСМ/јавен домеин
Трагедијата во Кочани е главна причина за доцнењето?
На упорно инсистирање на новинарот да објасни зошто сите овие мерки (нови пожарникари, сервисирање на ер-тракторите, пренамената на возилата, итн) доцнат – нешто што е постојана тема и на медиумите и на стручната јавност (Види ТУКА – Владимир Симоновски, последниот Национален координатор на управувачкото тело за справување со кризи во Тема на денот на ТВ Сител од вчера 08.08) – Ангелов го кажа главното оправдување дека трагедијата во Кочани од 16.03. ја забавило целата подготовка за справување со пожарите, како и тоа дека неговите обврски во ЦУК и патување на стручна обука во Јапонија, довеле до доцнење со неговото именување со околу 45 дена, за на крај да констатира дека „подобро некогаш отколку никогаш“!
Опремата и кадарот на Скопската противпожарна бригада
Кон овие елементи за подготвеноста за справување со пожари мора да се додаде и новата опременост на најголемата противпожарна единица во МКД, противпожарната бригада за Град Скопје. Веста на МИА што ја пренесоа и многу други медиуми, но во многу скратена форма беше лиферувана на 10.јуни:
Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје од денеска ќе располага со ново современо и уникатно возило целосно развиено во Македонија и дрон за гасење на пожари, а беа промовирани и новата генерација пожарникари…
Влатко Николовски координатор на проектот на Бригадата на денешната презентација на проектот „Гасење на пожари со употреба на современи техники“ го претстави новото современо возило како и новиот дрон за гасење пожари….
…Денеска ќе го претставиме првото целосно развиено македонско возило кое е уникатно и универзално, направено е благодарение на 30 – годишното знаење на командниот тим на Скопската бригада благодарение на командантот и неговиот тим. Целиот развој е направен без никаква владини, невладини фондации или фондови, сме го развиле независно…Во исто време успеавме први во Европа и во Америка да развиеме дрон кој гаси пожари и кој многу пати досега покажал феноменални резултати, рече Николовски.
Покрај ова, сегашниот командант на Бригадата Ѕвонко Томевски … „информира дека единицата моментално брои 203 вработени, додека по систематизација во рамки на новиот попис се предвидени 404 вработени.“- се вели во веста на МИА (Целата презентација може да се погледне ТУКА).
„Парампарче“ во меѓупартиските обвинувања: СДСМ осомничен дека подметнува пожари!?
Додека статистиката и изјавите се релативно јасен показател колку МКД е подготвена оваа година за справување пожари, обвинувањата меѓу главните македонски и албански партии од власта и опозицијата не само што не се промениле ни за „јота“, што би рекол премиерот, туку ги поминаа сите дозволени граници во комуникација со јавноста, дури и ако се земе предвид и фактот дека сме во предизборни месеци.
Како одговор на показната вежба во Пепелиште од 05.07. за пренамена на армиските и полициските возила следуваа реакции од СДСМ и од Левица за тоа дека станува збор за евтин пи-ар, дека возилата веднаш штом завршил настанот почнале да се расипуваат и дека Владата не сторила ама баш ништо од лани, која се сметаше за најкатастрофална година со пожари од последните 10 години. Порталот Антропол, кој може да се смета за гласило многу блиско на Левица, уште на 06.05. излезе со текст со наслов Стари „Хермелини“ против огнот – Гориме, а власта слави нова ера на борба со пумпа и хермелин, за ден подоцна (07.07.) да излезе со текст со наслов Тешка техника, лесен пи-ар – Хермелините на Мицкоски и Ангелов се расипаа пред да видат пламен.
СДСМ на 08.07, ден по пресот на Митева за огласот за 400 граѓани што треба да се приклучат на противпожарните друштва, излезе со соопштение со наслов „Владата ги остави граѓаните сами против пожарите, импровизацијата на Мицкоски скапо ја чини Македонија“, во кое може да се прочита дека „цела година имаа да набават опрема, да вработат пожарникари и да го подготват системот. Наместо тоа, Владата ниту набави нови возила, ниту ги сервисираше постојните, ниту навреме обезбеди кадар“. Два часа подоцна пратеникот Митко Трајчулевски од СДСМ одржа прес-конференција на која беше кажано и следното:
Колку за потсетување, уште во март 2024 година оставивме подготвен Предлог-закон за интегриран систем за кризен менаџмент. Една година подоцна, ништо. На 6 јули 2025, Владата го промовираше таканареченото „македонско интервенто противпожарно тело“. На 7 јули, веќе се виде лагата – систем нема, опрема нема, реакција нема. Само ПР, толку знае владата на Мицкоски. Оттука го прашуваме Мицкоски: дали во која било земја во светот се гасат пожари со БТР-и и хермелини од армијата? Ова не е ниту НАТО, ниту Европа. Ова е циркус.
На ова следуваше жестока реакција од ВМРО-ДПМНЕ. Најпрво објавија соопштение со наслов „За разлика од порано, сега се реагира веднаш за пожарите, а не се чека да изгори опфатениот дел, па да се гаси“, а веднаш по пресот во СДСМ и по информацијата од Ангелов дека има индиции дека пожарот е подметнат, излегоа со соопштение со обвинување во прашална форма, со наслов „Дали СДС се обидува да дефокусира од својата внатрешна криза со подметнување на пожари?
Тие очигледно се реферираа на информациите од градоначалникот на Чучер -Сандево кој е од СДСМ и кој ноќта помеѓу 7 и 8 јули тврдеше дека седум куќи (викендички) биле зафатени од пожарите, нешто што Ангелов го демантираше и вети дека денеска (09.07.) ќе излезе на терен и ќе провери, но нема индиции дека некоја куќа настрадала (види Топ Тема).
Но, очигледно, кампањата не застанува тука. Денеска, 09.07. пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски одржа прес во претпладневните часови насловен како СДС ликува на пожарите, некој постојано разгорува, а тие шират политички хаос. На пресот, меѓу другото во многу поблага форма од вчера, беше повторено дека некој ги подметнува пожарите, но сега нема обвинувања во прашална форма од вчерашното нивно соопштение дека тоа е СДСМ, туку дека СДСМ ликувал за политички цели:
Вчера информиравме дека на местото на пожарот кој гори во атарот на Чучер Сандево се пронајдени палети потопени во бензин, постои сомнеж дека слични подметнувања со цел разгорување се направени и на други места ширум државата.
Фрапантно е како некој може да помисли да прави штета на природата и шумскиот фонд, а со тоа и директно да загрози човечки животи. Исто толку фрапантно е како СДС сето тоа не пропушта да го искористи за политичка кампања. До каде оди лудилото на СДС?
На ова денеска (09.09.) повторно одговараат од СДСМ со соопштение со наслов Морбидни обивнувања на Мицкоски и измислени приказни за пожарите, во кое меѓу другото може да се прочита:
Населението само се спасува, кравите бегаат и не ја пасат тревата, пожарите беснеат, само Мицкоски не е крив. Мицкоски е одлепен од реалноста. Веќе има една жртва од пожарите, а наместо збор на утеха или преземање на мерки, Мицкоски повторно забегува во некрофилска реторика и бара виновници, бркајќи духови.
Ваквата исклучива меѓупартиска комуникација се случува и во други партии, како и меѓу албанските коалиции во власта и во опозицијата, откако ВЛЕН денеска го нападна Европскиот фронт, односно ДУИ.
Наместо заклучок: Повеќе уважување и помалку дезинформации
Од погоре приложеното може да се заклучат две работи. Прво, МКД не е многу или драстично поподготвена за справување со пожарите по ланските најкатастрофални, во кои изгореа според европски проценки 95 илјади хектари разна шума и растенија и проценета штета од над 55 милиони евра во последните пет години, без годинава.
Земјата е малку поподготвена од лани, а ќе беше многу или драстично поподготвена, доколку сите активности што сега се преземаат започнаа порано. Се разбира дека е подобро некогаш, отколку никогаш, што би рекол Ангелов, ама уште подобро е вчера отколку денес и утре. Сепак, пренамената и нови 38-39 возила и иновативност на домашната инженерска памет не треба да се потценуваат и се сигурно подобри од оној фамозен ФАП чијашто слика ја обиколи светот минатата година и предминатата година (Патем, поради транспарентноста со која се фали Владата не е одвишно и да ги соопшти инженерските тимови и општествено-одговорните компании, кои сега купуваат и опрема за новите идни 400 пожарникари).
Од друга страна, помеѓу партиите на власт и во опозиција не смее да има исклучивост, глорификација или целосно негирање на сè што било направено претходно, колку и тоа малку да било направено. Една анализа што ја објави Вистиномер лани во 2024 г. со наслов „Граѓаните никогаш не смеат да бидат спокојни во врска со пожарите“ во рубриката Контраспин, укажува на истата таа исклучивост и нецелосни или делумни информации и дезинформации, што потекнуваат од партиите не е од денес.
Всушност, ВМРО-ДПМНЕ денес настапува со целосна негација и омаловажување на што било од седумгодишното владеење на коалицијата на СДСМ, со исклучок на Ангелов на пример, (впрочем ВМРО-ДПМНЕ најчесто така се однесуваше и додека беше во опозиција), додека СДСМ денес се однесува исто како и ВМРО-ДПМНЕ во опозиција и негира се што е направено од новата влада, која деновиве заокружи една година власт. Целосно исто се однесуваат и главните партии меѓу Албанците, со целосна негација едни за други, заборавајќи често дека многу коалициони партнери во ВЛЕН, често беа на власт и заедно со ДУИ.
Доколку се прочита анализата на Вистиномер од лани, ќе се види дека, што се однесува до подготвеноста за пожари на земјава „светот не е црно-бел“.
Оттука, за да не ни се случува „парампарче“ со информираноста на граѓаните на темата „огноотпорност“, прв чекор е партиските мегафони да ја намалат гласноста при емитувањето.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар
