Центарот за македонски јазик во Грција објави дека официјално е регистриран како невладина организација (НВО) од страна на судските власти во соседната држава.

Барањето за регистрација на организацијата беше одобрено од страна на Судот на 28 јули 2022 година, додека одлуката беше објавена во Билтенот за судски одлуки и публикации на 7 ноември 2022 година. Последните административни работи поврзани со регистрацијата беа завршени минатата недела, при што судот официјално го одобри и статутот на организацијата.

„Сакаме да нагласиме дека, во случајов, станува збор за прва невладина организација во Грција, која директно ќе се грижи за македонскиот јазик и која законски е регистрирана од страна на грчките државни органи“, соопшти центарот додавајќи дека судската документација официјално ја наведува организацијата со нејзиниот назив на македонски јазик – при тоа користејќи го и македонското кирилско писмо.