Официјално крунисан новиот британски крал Чарлс Трети

Кралот Чарлс Трети е 40-тиот британски монарх крунисан во Вестминстерската опатија.  Тој стана крал веднаш по смртта на неговата мајка, Елизабета Втора

Со најголема церемонија во последните седум децении, во Лондон денеска е крунисан британскиот крал Чарлс Трети, пишува Би-би-си. Кентберискиот надбискуп го круниса кралот Чарл Трети на церемонија што ја следеа околу 100 лидери од целиот свет и милиони граѓани пред своите телевизиски екрани.

Духовниот лидер на Англиканската црква, полека ја стави 360-годишната круна на свети Едвард на главата на Чарлс, додека кралот седеше на престолот од 14 век во Вестминстерската опатија.

Церемонијата во Лондон се одржа во присуство и на поглаварите на другите верски заедници, а на неа присуствуваа бискупи и кардинали од цела Велика Британија.

Во самиот чин на крунисување учествуваа и синот на кралот Чарлс Трети – Вилијам, како и неговиот внук Џорџ. Самата церемонија започна со препознавање, односно со чинот во кој кралот се претставува пред сите кардинали, односно конгрегацијата, во која тие го препознаа како „несомнен крал“. По препознавањето, конгрегацијата одговори: „Боже чувај го кралот Чарлс“.

На денешната церемонија, втората сопруга на Чарлс, Камила беше крунисана за кралица.

Инаку, кралот Чарлс Трети е 40-тиот британски монарх крунисан во Вестминстерската опатија. Тој стана крал веднаш по смртта на неговата мајка, Елизабета Втора, во септември 2022 година.

На крунисувањето на кралот Чарлс Трети денеска во Лондон присуствуваше и македонскиот претседател Стево Пендаровски. Во резиденцијата на Британската амбасада во Скопје се одржа и пренесување во живо на церемонијата.