Околу 1.400 луѓе, меѓу нив и 500 членови на семејствата на жртвите, присуствувале на комеморацијата која во знак на сеќавање на 150 патници што ги загубија животите во авионската несреќа на „Џерманвингс“ денеска се одржа во катедралата во Келн, пренесува ХРТ.

На комеморацијата, на која била одржана екуменска богослужба, присуствувале германската канцеларка, Ангела Меркел, францускиот министер во владата, Ален Видалие, и шпанскиот министер за внатрешни работи, Хорхе Фернандез Дијаз.

Главен говорник на собирот бил германскиот претседател, Јоаким Гаук.

– Нè поврзуваат тагата, болката и чувството на беспомошност, но, исто така, нè поврзува и заемната поддршка, помошта и тоа што сме тука едни за други – рекол германскиот претседател.

На олтарот на катедралата биле ставени свеќи за секоја од жртвите во несреќата, а пред него биле поставени големи екрани за да можат комеморацијата да ја следат и оние за кои немало место во катедралата.