Одржан состанок на работното тело МОН-Млади преку кое ќе се решаваат младински прашања

Фото: МОН

Претставници на младински организации, Универзитетското студентско собрание и Сојузот на средношколци заедно со министерката за образование и наука денеска го одржаа состанокот на работното тело МОН-Млади, кое активно ќе работи на креирање на младински политики.

„Студентите и младите се еден од клучните партнери на министерството во креирањето на успешни политики со кои ќе создадеме современо и квалитетно образование, но и ќе работиме на подобрување на ученичкиот и студентскиот стандард. Затоа сите законски решенија, политики и мерки ќе поминуваат низ оваа работна група од која очекувам посветеност, иницијатива и идеи со кои ќе ги менуваме работите на подобро“, рече министерката Царовска.

Како што велат од Универзитетско студентско собрание на УКИМ со ова се реализира едно од барањата во Декларацијата за млади, образование и иднина, а студентското собрание добива редовен канал на комуникација преку кој ќе можат да ги презентираат и застапуваат нивните барања.

„На денешната седница се дискутираа повеќе прашања во однос на студентските стипендии и финансиската помош за студентите како: конкурсот за стипендиите за академската 2020/21 кој ќе биде целосно дигитален, т.е. аплицирањето за стипендиите ќе се одвива електронски. Во врска со резултатите од конкурсот за еднократна финансиска помош за студентите од 100 евра за партиципација/сместување истите ќе бидат објавени на 5 ноември 2020 година. Исто така, студентите кои не добија „домашни платежни картички“ во третиот бран, истите ќе ги добијат по ребалансот на буџетот“ велат од УСС УКИМ, додавајќи дека побарале и реобмислување на начинот и целта на студентските стипендии.

Од УСС УКИМ информираат дека следниот состанок ќе се одржи на 23 ноември 2020 година, а дотогаш сите предлози и политики кои студентите сметаат дека УСС треба да ги разгледа и предложи на ова работно тело, да ги испратат најдоцна до 16 ноември 2020 година на [email protected] или преку нивното Факултетско студентско собрание.

Средношколците пак, своите предлози и политки може да ги достават до 16 ноември на официјалниот мејл на Сојузот на средношколци на РСМ: [email protected]