Поради свлечиште на патниот правец А3 обиколница Битола -Ресен сообраќајот е во прекин во двата правци. Како алтернатива сообраќајот се пренасочува преку Битола, информираат од АМСМ.

Поради врнежите од дожд и можноста од повторно активирање на свлечиштата од превентивни причини патниот правец Кочани-Делчево останува затворен за сообраќај. Сообраќајот е пренасочен преку Виница-Смојмирово-Делчево.

Сообраќајот на општинскиот пат село Долни Полог-село Облешево пред Кочанска Река е во прекин поради прекопан коловоз и е направен канал за одводнување на надојдена атмосферска вода од врнежи на дожд.

Според информација од МВР на регионалниот пат Берово – Виница поради одрон на камења сообраќајот се одвива наизменично по една коловозна лента.

На патниот правец Куманово – Крива Паланка кај село Страцин има свлечиште со кал и земја, со што е зафатена една лента од патот. Се препорачува внимателно возење и следење на поставената сообраќајна сигнализација.

Сообраќајот на сите останати државни патишта во Македонија се одвива без забрани, по влажни коловози. Слаб снег провејува на Попова Шапка кој не се задржува на коловозот.

Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Гостивар – крак Маврово – Стража, Демир Капија – Удово, Виница – Берово, Кочани-Делчево и Ресен – Буково каде е можна почеста појава на одрони.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.