fbpx

Одлуката на ЕЦБ ги урна светските берзи

-

Вредноста на акциите на европските и на азиските берзи утринава падна откако Европската централна банка одлучи повеќе да не ги прифаќа европските обврзници како гарант за кредитите. Одлуката на ЕЦБ следеше откако грчката влада одби да ја спроведе меѓународната програма за помош, договорена со Европска Унија, Европската централна банка и со Меѓународниот монетарен фонд.

Грчката централна банка, по одлуката на ЕЦБ, ќе мора сама да осигури десетина милијарди евра заем за да им помогне на банките, кои веќе побараа кредити за ликвидност бидејќи граѓаните по победата на СИРИЗА на изборите ги повлекуваат своите пари од банките.

Последните два дена, на акциите на грчите банки рапидно им порасна вредноста токму поради надежта на вложувачите дека ќе се постигне договор за грчкиот долг и оти ЕЦБ ќе одобри кредити за финансирање на ликвидноста.

Одлуката на ЕЦБ објавена неколку часа по состанокот на грчкиот министер за финансии, Јанис Варуфакис, со претседателот на ЕЦБ, Марио Драги, е показател дека грчкиот предлог за решавање на должничките проблеми наишол на ладен прием.

– Се чинеше дека е постигнат договор по прашањето со Грција, но сега повторно е направен чекор наназад. Ова само ги потврдува досегашните тези дека се заканува проблем со ликвидноста доколку не се реши ситуацијата со Грција – смета Лери Перузи, експерт од финансиската институција „Кабрера капитал маркетс“.

Во фокус на вложувачите, како што пишува хрватскиот портал „Пословни“, ќе бидат пазарите на нафта. Закрепнувањето на цената на нафтата во последните неколку дена позитивно влијаело на акциите на енергетските компании, што имаше позитивен ефект врз берзите.

Сепак, откако претходните четири дена цената на „црното злато“ скокна за речиси 19 отсто, вчера на лондонскиот пазар падна за 6,5 отсто, а на американскиот за дури 9 отсто. Падот на цената на нафтата се должи на информацијата за зголемувањето на резервите на нафта во САД, кои минатата недела достигнаа рекордно ниво. Порастот на резервите е показател за слаба побарувачка.

Утринава цената на нафтата на лондонскиот пазар се намали дополнително за 1,05 долари, достигнувајќи цена од 53,15 долари за еден барел, додека на американскиот пазар падна за околу 95 центи, односно на 47,50 долари.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...