Веќе три недели трае бојкотот на наставата во ООУ „Кирил и Методиј“ од Македонска Каменица, каде родителите бараат настава со физичко присуство. За денеска беше најавена конечна одлука, меѓутоа, родителите ја префрлаат топката еден на друг, особено по најавата дека од понеделник Општината ќе почне со поделбата на бесплатните таблет компјутери за учениците, кои изјавиле дека немаат опрема за следење на настава на далечина.
Причина за бојкотот, е како што изјавија тие при неколкуте собирања, е што училиштето има проблем со интернет конекцијата и недостаток на ИТ опрема. Меѓутоа, во меѓувреме, Општина Македонска Каменица успеа да набави 200 таблет компјутери за 150 ученици од ова училиште и остатокот за потребите на учениците од средното училиште.
– Од понеделник очекуваме да почне поделбата на првата пратка на таблет компјутерите, која ќе биде наменета за учениците од ООУ „Кирил и Методиј“, каде се интервенираше и на засилување на интернет мрежата – соопштија од Општината.
Родителите на протестите бараа настава со физичко присуство, бидејќи, како што изјавуваа, училиштето располага со доволно просторни услови, а дури 30 отсто од учениците немаат услови за следење на настава на далечина.
Здравјето е најважно, рече денеска од Кочани, министерката за образование и наука, Мила Царовска, одговарајќи на новинарско прашање за став за бојкотот на наставата на основците во Македонска Каменица.
– Бојкотот на наставата е само неконструктивен начин на изразување незадоволство од пандемијата. Тоа не е нешто што одлучуваме дали го сакаме или не го сакаме. Тоа е нешто со што мора да живееме, а со бојкотирање на наставата губат учениците. Наша обврска е да го штитиме здравјето на граѓаните, поради тоа што младите може да пренесат ковид-19. Ако така одлучила Комисијата за заразни болести, јас ги повикувам учениците и наставниците да се приклучат кон овој начин на настава – изјави Царовска.
Од училиштето забележуваат дека секојдневно се зголемува приклучувањето на нови ученици во онлајн наставата, меѓутоа, дел од нив сè уште бојктираат.