Кривичниот суд денеска го одложи рочиштето од судењето на новинарот Зоран Божиновски, обвинет во случајот „Шпион“, јавува „Нова ТВ“.

Судијката Александра Крстиќ посочи дека иако судот поднел барање до Апелацискиот да се достават сите доказни материјали поврзани со предметот, сè до почнување на денешното рочиште Апелацискиот суд не го направил тоа.

Судијката Крстиќ рече дека токму поради ова, донела наредба Божиновски воопшто да не биде донесен во судот, бидејќи, како што рече таа, нема услови за одржување на рочиштето.

Пред почетокот на судењето, новинарите протестираа пред Основен суд Скопје 1. Тие побараа поддршка на колегата Зоран Божиновски.

Претседателот на Здружението на новинарите, Насер Селмани, рече дека се дојдени да покажат солидарност со Божиновски, кој веќе три години е изложен на судски прогон поради неговата работа како новинар.

„Ги потсетуваме судиите дека Македонија е втора земја во Европа во која има новинар во затвор. Прво беше осуден Томислав Кежаровски, а сега и Божиновски. Гласно прашуваме кој ќе биде следниот. Во земјата каде што новинарите се затвораат, таму е заробена и слободата на говорот и слободата на медиумите. Таквите судски постапки имаат цел да ги казнуваат непослушните новинари и да ги застрашуваат и да ги дисциплинираат другите“, рече Селмани.

Во случајот „Шпион“, на  18 обвинети им се суди за злосторничко здружување, шпионажа и за уцена, опфатени се поранешни и сегашни разузнавачи од цивилното и од военото разузнавање, поранешни полициски службеници, ексдиректорот на Управата за борба против перење пари, поранешниот шеф на кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија.

Меѓу нив е и новинарот Зоран Божиновски, кој се товари за три дела, но неговата постапка беше во прекин затоа што српските власти, кои го уапсија во 2013 година, не ѝ го испорачуваа на Македонија, сè до март годинава, кога во „брза“ постапка, за само еден ден, беше екстрадиран.