ОДИХР: Во вториот круг на изборите негативна реторика и наводи за притисок врз гласачите

Локални избори 2021, Скопје, 31.10.2021 | Фото: Мета.мк

Вториот круг локални избори во Северна Македонија беше во натпреварувачки дух, изборната администрација вложи напори да одговори на некои процедурални недостатоци од првиот круг. Меѓутоа, негативната реторика и наводите за притисок врз гласачите и кандидатите продолжија да имаат негативно влијание на изборите, според денешната изјава на меѓународните набљудувачи од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР).

Во однос на техничките параметри, состојбата била подобра отколку во првиот круг, но сепак имало недостатоци. Посебно внимание се обрнува на „несоодветното постапување по приговорите“, со што некои лица биле лишени од правото на глас.

ОДИХР нагласува дека иако од кандидатите во вториот круг се барани финансиски извештаи, тие не беа објавени пред гласањето.

„Од оваа причина, како и поради недоволните информации објавени во јавноста за отчетноста во врска со финансирањето на кампањата во првиот круг, се намали транспарентноста“, се вели во изјавата.

Набљудувачката мисија вели дека радиодифузерите кои биле мониторирани од неа обезбедиле доволно информации на гласачите за кандидатите, а вестите општо земено биле неутрални. Сепак, најголемите парламентарни партии имале системска предност во поглед на поделбата на јавните ресурси за водење кампањи и известувањето и рекламирањето во медиумите, со што независните кандидати и кандидатите од помалите партии билево значително незавидна положба.

„Може да се стори повеќе за изборите во Северна Македонија да бидат поинклузивни, за независните кандидати како и за оние што ги застапуваат помалите партии,“ изјави Тана де Зулуета, шефицата на мисијата за набљудување на изборите на ОДИХР.

„Со подобрувања на изборната рамка може да се постигне рамнотежа со тоа што ќе се одговори на системските нееднаквости во можностите за водење кампања, како и да се насочи вниманието на начините на кои ќе се зголеми учеството на жените во политичкиот живот“, додаде таа.

Мисијата на ОДИХР за набљудување на изборите во Северна Македонија започна со работа на 7 септември, со тим од 16 експерти со седиште во Скопје. Во вториот круг во мисијата беа вклучени 23 набљудувачи од 13 земји.

За приближно два месеци ќе биде објавен конечниот извештај со препораки за подобрување на изборниот процес.