Дупки на улиците има толку многу што возачите и граѓаните почнаа да ги користат и социјалните мрежи за да искомуницираат, да се информираат и да се предупредат меѓусебно за некоја нова или некоја стара, ама особено длабока дупка.

Колку и да внимаваме, последниве години веќе сè е залудно – улиците во Скопје се кратер до кратер! Избегнуваш една дупка, завршуваш во друга. Градежната експанзија ги урнисува и колку-толку добрите коловози. Одвреме-навреме се прикрпува нешто, ама тоа е залудно – за кратко време станува полошо. Најлошо е кога ќе заврне и ударните дупки ќе се наполнат со вода, па не се познаваат.

Како што пишуваа медиумите, од Јавното претпријатие „Улици и патишта“, кое е задолжено за одржување на скопските улици, тврдат дека имаат граѓански тужби за надомест на штета за оштетени возила. 

Сè повеќе тужби има и против општините.

Надлежен за главните градски сообраќајници во Скопје е градоначалникот на градот, а за споредните улици – градоначалниците на скопските општини. Општините низ Македонија исто така се надлежни за улиците во своите општини, освен за регионалните патишта и за автопатиштата за кои надлежна е државата.

Сите тие последниве години повеќе внимание посветуваат на „шминкање“, подигнување споменици и на садење сезонско цвеќе, отколку на темелна реконструкција.

Надвор од градските улици полни со дупки, возачите во Македонија говорат дека во моментов единствена „нормална“ релација е автопатот Скопје – Тетово – Скопје, а сите други се ризични и бараат особена внимателност, поради дотрајаноста или поради лошата изведба.