Во оваа наша македонска сага, секојдневно имаме ситуции кога некои од новинарите наместо да го штитат јавниот интерес,  со еден сервилен и апологетски пристап ја воспеваат власта. Па, во еден таков целосно изместен вредносен амбиент, јавноста гледа, односно чита славопојки за владејачката партија, наместо коректно интервју со задолжителна професионална дистанца.

Сведоци сме како прес-конференциите на експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, но и на тие на министрите, се поставуваат нарачани парашања за тоа што е сработено. А тие, функционерите, одговараат – се фалат, ли се фалат на долго и на широко. Оние „нормалните“ прашања, пак, кои се однесуваат за некој конкретен проблем – настан од  јавен интерес, или ги игнорираат или на нив даваат спинерски одговор, во кој задолжително ги напаѓаат опозицијата, невладиниот сектор, интелектуалците и секоја критичка мисла која не е на линија на власта.

Владините претставници толку се соживеани во улогата да одговараат само на прашања по нивна мерка, што имаат нервозни реакции дури и кога им се поставуваат најнормални прашања. Таква реакција, на пример, имаше министерот за здравство во март годинава, кога го прашаа за опасноста од епидемија на заразни болести кај бегалците во Табановце и за одговорноста на институциите за смртта на малата Тамара.  Тодоров тогаш малку ги измеша лончињата и нормалните новинарски прашања ги стави во категоријата нарачаки, па рече  дека најпрвин ќе одговори на „новинарски прашања, а потоа на нарачаните“!

Понекогаш со нарачките од власта има и комични ситуации, како онаа за локалните избори во 2013 година, кога новинарка од една телевизија со национална концесија, прашањата скроени за градоначалникот на Центар (во тоа време кандидат) Андреј Жерновски, му ги постави на Андреј Петров, тогашен кандидат за градоначалник на Општина Карпош!