Сведоци сме на големото распространување на објектите за игри на среќа, при што во последно време тие може да се забележат на секое ќоше во земјава, почнувајќи од обложувалниците, па сè до казината. Овие објекти, освен што го осиромашуваат народот, особено се опасни за малолетните деца бидејќи создаваат зависност.

Во приницип, игрите на среќа се дозволени во Македонија, и како такви уредени се со посебен закон. Според член 17 од тој закон, лиценцата за организација на таквите игри ја издава Владата. 

Така, врз основа на едно истражување на СКУП, „ Македонија покажа дека од познатата австриска коцкарница „Новоматик АГ“, па сè до турската „Принцес груп“, тие се сè поприсутни низ сите градови на земјата. Од 2009 до 2015 година во Македонија од страна на Министерство за финансии се лиценцирани шест казина со 16 подружници и со рекордни 59 салони со апарати за покер“.

Сепак, иако легални, т.н. игри на среќа, односно коцкањето, од страна на граѓаните се оценуваат како неетички, како штетни за општиот интерес на општеството. Притоа, граѓаните ја истакнаа потребата од преземање мерки за нивно органичување, односно за намалување на бројот на постојните казина.

На социјалните мрежи сè почесто се поведуваат иницијативи против појавата на отворање нови места за коцкање. Многу луѓе се загрижени затоа што државата дозволува овие казина да работат во централните градски подрачја и бараат нивна дислокација на периферија, далеку од населените места.

Во еден разговор со педагогот Авзи Мустафа, тој ова прашање го објаснува како негативна појава, која води кон расипување на имиџот на луѓето.

„Ова појава е многу штетна. Државата мора да го спречи нивното распространување и да ги дислоцира од населените места, треба да донесе посебен закон за игрите на среќа и тој да се примени, бидејќи според постојниот закон малолетниците не смеат да влегуваат низ тие врати, но ние сме сведоци на спротивното“, вели педагогот Мустафа.

За ова прашање зборуваше и универзитетскиот професор, м-р Локман Хебиби.

„Нивниот ефект е уште понегативен бидејќи се сконцентрирани близу до воспитно-образовните центри, т.е. го привлекуваат вниманието на новите генерации и моето мислење е дека треба да се преземат итни мерки за дислокација на казината и на другите објекти за игри на среќа што подалеку од воспитно-образовните центри, без разлика дали се тие блиску до основните, средните училишта или, пак, до факултетите. Без разлика кој стои зад овие казина или обложувалници, треба да се има предвид тоа што негативните ефекти врз новите генерации се далеку поголеми од нивните добивки“, вели Хебиби.