Канцерогените честички ПМ10 во воздухот во Тетово и понатаму се присутни во големи количества. Од 2009 година, Тетово и околните села дишат загаден воздух, во кој нивото на ПМ-честичките неколкупати ја надминува дозволената граница. Само во 2015 година, во Тетово воздухот беше загаден дури 260 дена.

За загадениот воздух во Тетово, граѓаните, меѓу другите, ја обвинуваат и фабриката „Југохром“ и неколкупати протестирале на улица, барајќи оваа фабрика да не работи без филтри. Компанијата што произведува железо, челик и легури од железо, повеќе од 50 години систематично ги труе граѓаните, бидејќи, според експертите, таа е најголем загадувач во овој регион, чиј чад честопати го покрива како магла реонот на општините Јегуновце, Тетово, но и пошироко.

И покрај тоа, Владата уште од 2005 година, со години прифаќа „Југохром“ да го одложи поставувањето на филтрите и дозволува понатамошно труење на граѓаните.

„До април 2016 година, „Југохром“ требаше да ги исполни стандардите во поглед на поставувањето филтри. Тоа беше одлука на Владата што беше донесена пред две години. Доколку таа не се почитува, ќе бидат преземени законски мерки“, изјави Владимир Пешевски во декември минатата година на прашањето што ќе биде преземено доколку металуршкиот комбинат „Југохром“ не ги исполнува еколошките стандарди.

Помина и овој рок и досега не е исполнет главниот услов, односно поставување филтри за намалување на нивото на загадување на воздухот. Дополнителниот рок што на „Југохром“ му е даден од Владата истекува на 31 октомври годинава.

Покрај тоа, Министерството за животна средина и просторно планирање сè уште нема објавено детално истражување за другите загадувачи на воздухот, кои, покрај „Југохром“, ги убиваат граѓаните.

„Според Државниот завод за статистика, просечниот животен век во Македонија е 75 години, додека просечниот животен век на луѓето што умираат од малигни заболувања е 65 години. Ако се повикуваме на овие податоци на ДЗС, тогаш во источните земји на Медитеранскиот Регион, каде што припаѓа и Македонија, од 100.000 лица, 42 умираат од загадувањето на воздухот“, се вели во анализата „Политиките за намалување на загадувањето на водухот во Тетово“, што ја подготвија Здружението за развој и активизам „Аква“ од Струга и здружението „ИКТ за промени“ од Тетово, во рамките на проектот ФИСКАСТ, спроведен од „Фајнанс тинк“, а поддржан од Амбасадата на Велика Британија во Скопје.