Една говорна мана, по правило, предизвикува тешкотии во учењето, но се одразува и на резултатите на ученикот и на социјалниот живот на детето. Сите овие проблеми се решливи со посета на логопед, кој може да ги дијагностицира маните во говорот и по потреба може да препорача индивидуална или групна терапија за лекување на утврдениот проблем.

Во Македонија забележлив е голем недостиг од логопеди Албанци. Имено, официјално, во Скопје работат само двајца логопеди Албанци – еден во Заводот за рехабилитација на децата во рамките на Министерството за труд и социјална политика и еден во Заводот за рехабилитација на слух, говор и на глас во рамките на Министерството за здравство. Бројот на логопеди, пак, на републичко ниво е ужасно мал.

Иако прашан неколкупати, државниот секретар од Министерството за здравство, Насуф Ипче, не одговара на прашањето зошто е таква состојбата со логопедите Албанци во земјава. Пред извесно време, тој изјави дека таа може да е резултат на недостигот од дипломирани кадри Албанци, но потоа кажа дека кадри можеби има, но дека тие не се пријавиле на објавените конкурси.

Логопеди кои се Албанци, пак, го велат спротивното. Тие велат дека можеби имало објавени конкурси, но не во Заводот за рехабилитација или во слични институции.

Прашањето за вработување на логопеди Албанци се постави по поплаките на родителите на деца со проблеми во говорот, кои веќе подолго време бараат логопеди Албанци за третман на нивните деца.

Статистиката вели дека повеќе од 10 отсто од популацијата има проблеми со говорот. Најчестите проблеми се неизговарањето на одредени гласови, зборувањето преку нос, пелтечењето, говорот со прекини и забрзаниот говор.