Фото: Tom Pottiger on Unsplash

Во завршните зборови за случајот „Трезор“, одбраната на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков истакна дека обвинението е неосновано и од него не може да произлезе кривична одговорност.

Адвокатот Петар Василев ги побиваше наводите дека Мијалков лично бил во Лондон, каде што наводно преговарал со претставници на ГАМА и договарал набавка на опрема од оваа компанија.

На денешното судење, Василев се повика на извештајот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) кое преку меѓународна правна помош побарало од Министерството за внатрешни работи на Велика Британија да изврши распит врз претставниците на компанијата ГАМА, кои наводно преговарале и ја договориле набавката или имале врска со извршената набавка на опремата „фин фишер“.

Василев истакна дека по извршените распити на претставниците на ГАМА, изготвен бил извештај во кој тие јасно потврдиле дека Сашо Мијалков ниту бил, ниту остварил каква било средба, а камоли да преговара и договори набавка на опрема.

Одбраната исто така и неосновано го смета обвинението дека откако Мијалков се вратил од тоа патување, му наложил на помошник министерот Ѓоко Поповски набавката на опремата да ја изврши преку правното лице „Финзи“.

Адвокатот Василев истакна оти нема основа тврдењето на Обвинителството дека наместо набавката да ја направат директно, тие ја направиле преку „Финзи“ и со тоа „Финзи“ направило разлика во цена што била на штета на државата.

„Прво, УБК не прави набавки. Второ, набавките ги прави посебен сектор кој е директно под министерот и Мијалков немал никакви ингеренции. Комисијата од тој сектор која ја правела набавката, не можела да оди директно затоа што „Финзи“ имала договор со ГАМА за ексклузивно застапништво и морала да се обрати до „Финзи“. А и да оди директно, не значи дека ќе било поевтино, туку ќе било и поскапо, што потврдуваат и вештаците, поради трошоци кои се на дневна основа, а кои би биле многу поскапи ако биле наплаќани од Англичаните, што е докажано со вештачење. Морале да се обратат до „Финзи“ бидејќи тоа правно лице било единствено кое можело да ја нуди и продава опремата, да обезбеди сервис, и што е поважно гаранција за опремата, како и да овозможи поддршка за нејзино непречено и континуирано функционирање,“ рече Василев.

Во случајот „Трезор“, покрај Мијалков, обвинети се поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, и поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски.

Според обвинението, осомничените преку фирмата „Финзи“, со која во еден период управувал сега починатиот Коста Крпач, набавувале опрема за УБК и го оштетиле буџетот за 862.045 евра.