Фото: Архива на Мета.мк

Одбраната на Сашо Мијалков на денешното изнесување на завршните зборови во случајот „Тортура“ изјави дека поднесеното обвинение против него претставува гола формулација што е непоткрепена со докази. Неговиот адвокат Љупчо Шврговски рече дека Мијалков не поттикнал мачење, нечовечко и сурово постапување при апсењето на Љубе Бошковски. Покрај поранешниот директор на УБК којшто е осомничен за кривично дело „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“, за ова кривично дело се осомничени и шест поранешни припадници на единицата „Алфа“ помеѓу кои, Ивица Анчевски, Новица Станковски, Петар Милошевски, Филип Атанасов, Јован Боцевски и Метуш Шабани.

„Обвинителот не само што не презентираше доказ, туку нема наведено ниту еден факт дека Мијалков ги поттикнал другите да го извршат кривичното дело. Кога обвинетите беа прашани дали имале телефонски контакт или дали го познавале обвинетиот, тие беа децидни, дека ниту го познаваат, ниту пак зборувале телефонски“, изјави адвокатот Шврговски.

Одбраната на Сашо Мијалков додаде дека Љубе Бошковски ги испровоцирал обвинетите припадници на полицијата, бидејќи парите со кои бил фатен ги фрлил и се дал во бегство, а адвокатот на Мијалков во судницата додаде и дека тврдењето на Бошковски оти доживеал душевно страдање и болка не се совпаѓа со извршените судско-медицински вештачења, меѓу кои и она на Институтот за судска медицина и криминалистија.

Одбраната ќе продолжи со искажувањето на завршните зборови во случајот „Тортура“ на 31 мај. Судскиот предмет против Мијалков и шесте припадници на единицата „Алфи“ го води судијката Александра Ристовска, а како застапник на обвинението се јавува јавниот обвинител Љубомир Лапе.