Фото: Архива на Мета

Одбраната на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, бара да се укине пресудата за случајот „Рекет“ и предметот да се врати на повторно судење. Јанева поради здравствената состојба повторно не се појави во судницата.

Адвокатката на Јанева, Ирена Фрчковска праша „зарем тој што дава милион евра и снима во неговата куќа не би го снимал и актот или чинот на предавање на самите пари?“

„Ние акт на предавање не видовме. Докази дека се дадени пари нема, обвинителството не направи напор за да изведе каков било доказ дека сведоците дале пари. Обвинителството не направи напор ниту да ги прибави изводите од сметките во банките од каде што Камчеви ги ваделе парите. Вие да извадите 38 милиони денари и да не доставите ниту еден доказ дека такви пари се дале?“, рече Фрчковска.

Укинување на пресудата од Основниот кривичен суд во Скопје побара и адвокатот на Бојан Јовановски, Сашо Дуковски.

„Полицијата сама без налог, сама си врши идентификација на одземената брендирана облека и очила. Што добивате вие како суд тоа што се одземени 50 пара фармерки со цитирање на модни дизајнери, ништо. Сметам дека не може така да се постапува,“ рече Дуковски.

Според него „целото ова незаконито водење на постапка и продолжувње на притворот, предизвика сериозни здравствени последици врз Јовановски, за што ќе бидат доставени материјални докази.“

Бојан Јовановски од Основниот кривичен суд е осуден на девет години казна затвор за случајот „Рекет“, дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Јанева за случајот „Рекет“ од Основниот кривичен суд е осудена на казна затвор од седум години за „примање награда за противзаконито влијание“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“.