Во скопската касарна „Илинден“ денеска се одржа централна свеченост за одбележување на тригодишнината од членството на Северна Македонија во НАТО – Алијансата.

На свеченоста се обратија претседателот на Владата Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

„27-ми март е денот кога Северна Македонија ја запечати својата безбедносна иднина. Момент после кој нашата стабилност не може да биде доведена под прашалник од никој. И од таа точка можеме да чекориме само напред, силно и забрзано. Оваа годишнина не е само сеќавање на моментот кога македонското знаме се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел, иако сум сигурен дека таа слика ќе остане трајно врежана во нашето сеќавање и секогаш ќе ни предизвикува вакви силни чувства на национална гордост. Тоа е момент во кој престанавме да бидеме точка на дневен ред на безбедноста, и станавме дел од масата која го создава дневниот ред за светската безбедност“, рече Ковачевски.

Фото: Влада на РСМ

Со истото темпо, рече премиерот, државата ќе продолжи и на патот кон членство во Европската Унија. Тој во својот говор истакна дека „поразлична перспектива на тоа колку е важна безбедноста и стабилноста ни даде бруталната неиспровоцирана воена инвазија која Русија ја врши врз Украина“.

„Тоа е војна за каква мислевме дека европското тло нема повеќе да види. Наместо тоа, човечкото патење и ужасниот регрес на деструктивноста се повторува, и дополнително се трансформира во хибридна војна која користи сајбер и информациски оружја. Во оваа разорна војна, нашето место како и секогаш кога ќе се свртиме назад кон македонската историја, останува исто, а тоа е да се биде на вистинската страна на историјата. Уште на почетокот, минатата година го осудивме овој конфликт, ја поддржавме и ја поддржуваме Украина, за која во континуитет обезбедуваме помош“, изјави Ковачевски.

Според него, целта на поддршката не е да се продолжат воените дејствија, туку независна Украина да ја одбрани својата независност и територијален суверенитет и своите храбри луѓе.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во своето обраќање изрази благодарност до Армијата и во продолжение се осврна на воената брутална инвазијата која Русија ја врши врз Украина.

„Од првиот момент Северна Македонија беше јасна. Одлучно и цврсто стоиме на ставот – НЕ за војна, НЕ за страдања, НЕ за невини жртви. Донесовме одлуки за помош и поддршка на суверена земја која прави сè за да се одбрани од надворешна агресија, и тоа го направивме со разум и со цел да му помогнеме на народот кој сака само да биде свој на своето, да го заштити сопствениот суверенитет на кој има полно право”, рече Петровска.

Фото: Влада на РСМ

Во однос на придонесот кон Армијата, таа рече дека „целта не била само да се внесе Армијата во НАТО, туку и НАТО во Армијата – „со опремата која се менува, со процедурите и процесите кои се развиваат, со кадарот кој се усовршува, со условите за работа и стандардот кој го има секој професионален војник, секој армиски подофицер и офицер“.

Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија Васко Ѓурчиновски во своето обраќање нагласи дека со пристапот и исполнувањето на сите задачи во воениот дел, државата покажала дека е сигурен и одговорен партнер.

„Стандардите во обуката и интероперабилноста ги остваривме многу порано од нашето полноправно членство, а кое го потврдуваме и во изминатите три години. Со континуирана одлучност, тридецениска напорна работа и посветеност успеавме да ја оствариме и најбрзата воена интеграција во НАТО, цел која ја постигнавме за 19 месеци од нашето полноправно членство“, рече тој.

Фото: Влада на РСМ

Ѓурчиновски во своето обраќање се осврна на успесите на Армијата:

„Успехот кој Армијата го достигна низ целиот овој период се огледа во она кое сега го имаме, а тоа се мобилни, професионални и ефикасни сили, способни да ја заштитат безбедноста на нашата земја и одговорат на сите современи закани и предизвици“.