Денеска се одбележуваат 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, како и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков. Оваа значајна научна институција е дел од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. На одбележувањето на јубилејот присуствуваа директорката на Институтот, Елена Јованова Грујовска, премиерот Димитар Ковачевски, професорот Људмил Спасов, професорката Весна Мојсова Чепишевска, како и многумина академици, професори и македонисти.
Ковачевски истакна дека тој е премиерот кој во една година најмногу пати дошол во овој институт.
„Јас сум единствен премиер во последните 20 години кој со лична заложба од министерот за финансии и за образование, обезбедивме нови 16 вработувања во институтот. Тоа е една од работите на кои навистина сум горд што таа работа заедно со професорката и нејзините колеги успеавме минатата година да ја направиме, со тоа што пред нас имаме уште многу што да направиме“, рече премиерот.
Тој истакна дека зборовите на Мисирков денес се реалност за македонскиот народ и за нашиот вековит македонски јазик, што постоел, постои и ќе постои за навек.
„За среќа, има македонска национална култура и историја и тој факт го вооружува македонскиот народ, со непобедливо оружје во неговата борба за човечки права и за слободен национален живот, како рамноправен член во бројот на културните народи. Достоинствено денес се поклонуваме на делото на Мисирков, затоа што неговиот аманет е примен и испочитуван“, додаде Ковачевски.
Премиерот во своето обраќање кажа дека македонскиот јазик е на еднакво рамниште со сите други официјални јазици во Европа, со ланското отворање на преговорите со Европската Унија, а со тоа и македонскиот народ и идентитет е на исто рамниште со другите народи кои ја сочинуваат ЕУ.
„Науката ги бележи почетоците на употребата на македонскиот јазик уште длабоко во 9. век, од кога се зборува, раскажува, прераскажува, твори, а подоцна и се пишува на македонски јазик. Но, за сите е јасно дека битката на Мисирков и Конески не беше завршена со употребата и признанието на македонскиот јазик во светот на книжевноста и уметноста. Таму македонскиот јазик ниту бил, ниту можел да биде оспоруван, затоа што се материјализира и живее низ реални научни, книжевни и уметнички дела“, рече Ковачевски.