Одбележан 49 роденден на МКЦ, најдобрите изложби во 2021 и најава за јубилејниот 50-ти роденден во 2022 година

Фото: МКЦ

Вчера Младинскиот културен центар во Скопје го одбележа својот 49-ти роденден со стрим од концертот на украинскиот композитор Љубомир Мелник што е познат и како најбрзиот пијанист во светот.

Денес се објави ранг листата на најуспешните изложби одржани во МКЦ во текот на 2021 година. На првото место се најде групната – „Изложба“ на уметниците Ана Трајковска, Душан Стефановски, Ивана Секулоска и Јован Јосифовски што беше отворена во април и претстави дела кои отстапуваат од канонизираното класично поимање на графичката уметност. Второто место беше одредено за „Vanishing Point“, изработена од слики креирани со техниката масло на платно, како и дигитални принтови со фотоманипулација и дигитални слики од страна на графичарката Александра Ристовска. „Ѕиркачот“, просторната инсталација на Стефан Божиновски го освои третото место на ранг листата за најдобри изложби во МКЦ за 2021.

Годината што следи пред нас ќе ги одбележи 50-те јубилејни години постоење на култното МКЦ. Од управата со зборовите: „Ние програмата – вие китењето!“, најавуваат низа настани што ќе бидат посветени на прославување на следниот роденден и истите започнуваат во јануари идната година. Првиот настан со кој ќе започне програмата е КОНКУРС за избор на идејно-графичко решение за визуелно обликување на програмите и активностите на МКЦ во 2022 година – со цел создавање на визуелен идентитет и препознавање на јубилејот „50 години МКЦ“.

Конкурсот е отворен до 12 јануари, 2022 година. Повеќе и подетални информации може да се пронајдат тука.