Владата на вчерашната седница ја разгледа Информацијата за доделување на грант преку 25-от повик за техничка помош и 6-от повик за инвестициски грант за изградба на делницата Крива Паланка – граница со Република Бугарија, со укажување до Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ да ја достави апликацијата за овој грант до Инвестицискиот фонд за Западен Балкан (ВБИФ).
ЈП за железничка инфраструктура за третата фаза од изградбата на пругата кон Бугарија од ВБИФ аплицира за неповратни средства од 150 милиони евра, кои ќе бидат надополнување на веќе обезбедените 60 милиони евра неповратни средства од ИПА 2 Програмата на ЕУ, информираше денеска владиниот портпарол Душко Арсовски.
„Со овој грант значително ќе се забрза процесот на довршување на железничката пруга помеѓу Северна Македонија и Бугарија, како дел од обврските на нашата земја во развојот на Паневропскиот коридор 8, а со добивање на инвестицискиот грант ќе се дополни финансиската конструкција за изградба на делницата Крива Паланка – граница со Бугарија, со што ќе се намали задолженоста на Република Северна Македонија“, информираат од Владата.
Третата фаза од капиталниот проект предвидува изградба на железничка делница со должина од 24 километри, за чија реализација ќе бидат неопходни 330 милиони евра. Станува збор за најсложената фаза од железничкото поврзување со Бугарија, каде најголем дел од трасата ќе минува низ тунели и мостови, а самото гранично поврзување меѓу двете земји ќе биде решено со тунел.
Директорот на ЈП за железничка инфраструктура Хари Локвенец неодамна во интервју за МИА информираше дека во моментов за третата фаза во фаза на изработка на одобрување е инфраструктурниот проект, паралелно на ова е и одобрувањето на основниот проект, а се изработува и проектната документација за распишување на меѓународниот тендер за избор на изведувач и за надзор над работите.
Воедно, портпаролот Душко Арсовски денеска информираше дека е завршена претквалификациската фаза за изградба на првата и втората фаза од пругата кон Бугарија, на потегот од Куманово до Крива Паланка. На претквалификационата фаза од тендерот за изградба на пругата Куманово-Крива Паланка биле доставени 20 апликации од меѓународни конзорциуми. Европската банка за обнова и развој ги евалуира фирмите што влегоа во втората, квалификациска фаза. Во следниот период од три месеци, ќе следи доставувањето на финалните понуди од компаниите кои влегоа во втората фаза, по што ќе се избере најповолен понудувач и ќе почне изведбата на градежните работи.